Македонија
Николоски: Од Прилеп му порачуваме на ДУИ, претседател на Македонија се бирало, се бира и ќе се бира од граѓаните на непосредни избори
Пред нас се историски избори за Македонија, избори кои што ќе ја одредат судбината на Македонија во следните 20 до 30 години. Не случајно нервозата е голема и кај Пендаровски со се цело СДСМ и кај ДУИ. Од една страна го гледате Пендаровски почна да навредува, од друга страна ДУИ мисли уште може да уценува. Ни едното ни другото не поминуваат, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од митингот во рамките на претседателската предизборна кампања во Прилеп.
Николоски додаде, „Стево Пендаровски наместо да одговори зошто штити криминал, зошто ги потпиша спорните измени на Кривичниот законик со кој што се штитат криминалците, наместо да одговори како прифаќа како прифаќа крадени народни пари за финансирање на неговата кампања, и наместо да одговори зошто не осуди ни една криминална афера во Македонија, тој навредува и тоа само го покажува неговото вистинско лице“.
„Гледам дека заедно со СДСМ и со ДУИ се обидуваат да внесат хаос во Македонија. Но, тој хаос нема да се случи и нема да помине. Гледам од ДУИ сеуште мислат дека можат да уценуваат, па велат, доколку сакате ова или она треба да поддржите избор на претседател на државата во Собрание“, рече Николоски.
Од Прилеп, Николоски упати порака до ДУИ, претседател на државата се бирал, се бира и ќе се бира директно од народот на непосредни избори и ниедна уцена нема да помине, затоа што не се во позиција да уценуваат, а граѓаните со масовната излезност и на 24 април и на 8 мај ќе кажат едно големо „не“ на уцените.
Во однос на парламентарната кампања коа почнува за неколку дена, Николоски посочи дека Стево Пендаровски не се појавува на настани заедно со Димитар Ковачевски, туку повремено се појавува со Венко Филипче и затоа, додаде, е чесно да одговорат на неколку работи.
„Прво, дали не ги гризе совеста за она што се случуваше во корона кризата. Прилеп, по број на жители е на врвот на црната статистика во Македонија. Во Прилеп состојбата беше најлоша. Само благодарение на неколку доктори херои, бројките и не беа полоши од тие што се. Во Прилеп, додека Венко Филипче тераше лична промоција и личен ПИ-АР, 608 луѓе го загубија животот, 608 семејства се зацрнија. И гледам дека не го гризе совеста за тоа, не зборува за тоа и повторно решава да тера личен ПИ-АР“, рече Николоски и додаде дека ова податоци околу ковид пандемијата се црни работи и на тоа треба да се потсети за никогаш повеќе да не се повторат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Десна објави наводно писмо од Љупчо Палевски: Министерот Лога лаже за екстрадицијата
Политичката партија Десна на својот Фејсбук профил објави писмо од својот лидер Љупчо Палевски Палче, кој чека екстрадиција во Македонија и судска постапка. Палевски е првоосомничен за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Во писмото, тој се обраќа до министерот за правда Кренар Лога за кој вели дека „лаже“, и дека токму Палевски барал кратка и брза екстрадиција, без противење.
„Многу важно, го прашав судијата колку време трае БРЗАВА, КРАТКАВА ЕКСТРАДИЦИЈА, добив одговор дека целиот процес е 40 дена од денот на хапсење. На 22 декември бев во Баликесир на повисокиот суд каде за разлика од Првиот, Понискиот Суд, ме прашаа дали постои опасност од МАЧЕЊЕ и УБИВАЊЕ во Македонија. За прв пат почувствував СРАМ за мојава држава и од ИНАТ ако ништо друго дадов изјава: „НЕ, инсистирам на КРАТКА и БРЗА ЕКСТРАДИЦИЈА во Македонија за да се бранам во ИСТРАГАТА.“ Сѐ ова после 5-6 писанија до обвинителот, го добив на коректен Англиски со печат и потпис од Судот. Од тогаш, од минатата година до денес, едни други курветини, „НАТО Прогресивци“, но кои на ЕРДО се клањаат, Министер за Правда, колега на малоумниов Кренар Лога го држат ПАЛЧО во „ЕКСПРЕС“ БРЗА ЕКСТРАДИЦИЈА“, пишува наводно Палчо.
Претходно министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кажа дека добил информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за Љупчо Палевски Палчо, со тоа што македонските полициски службеници се во комуникација со турските колеги.
Македонија
Мојсоска: На 8 мај младите ќе стават крај на истрошените елити кои немаат што да понудат
Левица како нова генерација млади политичари на овие избори настапува со радикална антикорупциска платформа. Битола од економски гигант во време на криминалната приватизација стана рекордер на невработеност. Младите паметат како нашите родители остануваа на улица додека се богатеа поединци, изјави Јована Мојсоска, генерален секретар на Левица
– Се бориме за донесување Закон за потекло на имот на сите носители на јавни функции од почеток на транзиција до денес. На овој начин мора да се стави крај на криминогените партии кои ја уништија иднината на младите генерации. Наместо амнестија која ја видовме во Собранието, нашата автентична програма се залага за незастарливост на криминалот извршен од јавни функционери. На 8-ми мај младите ќе се обединат околу идејата на Левица за да стават крај на владеењето на корумпираните и истрошени политички елити кои немаат веќе што да понудат – вели Мојсоска.
Македонија
Глас за СДСМ е глас за поголеми плати и унапредени работнички права, велат од СДСМ
Глас за СДСМ на 8-ми мај е глас за поголеми плати и унапредени работнички права, велат од СДСМ.
„СДСМ ја зголеми минималната плата за скоро три пати од 8.000 на 22.500 денари и таа ќе продолжи да расте со воспоставена методологија. Просечната плата е двојно зголемена, во однос на 2016 година на речиси 40.000 денари. Платите во образованието и здравството се двојно поголеми, покачени се платите во образованието, полицијата, армијата, социјалните служби, во сите сектори. СДСМ беше рамо до рамо со работниците во време на големите кризи – економската, енергетската и здравствената, помогна да се спасат илјадници работни места“, дополнуваат од СДСМ.
Како што велат, со СДСМ е можен европски животен стандард, со просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра.
„Програмата за млади предвидува по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, додека грантовите за отпочнување на сопствен бизнис за млади, се зголемува на 8.000 евра. Платите на медицинскиот персонал значително ќе се зголемат. Специјалистите ќе имаат до 180.000 денари плата, општите доктори, до 120.000 денари. Медицинските сестри, до 90.000 денари. Работниците и нивниот труд се двигател на секоја економија, на секоја држава. СДСМ нема да се откаже од унапредување на работничките права, раст на платите, подобро платени работни места“, завршуваат од СДСМ.