Македонија
Глас за СДСМ е глас за поголеми плати и унапредени работнички права, велат од СДСМ
Глас за СДСМ на 8-ми мај е глас за поголеми плати и унапредени работнички права, велат од СДСМ.
„СДСМ ја зголеми минималната плата за скоро три пати од 8.000 на 22.500 денари и таа ќе продолжи да расте со воспоставена методологија. Просечната плата е двојно зголемена, во однос на 2016 година на речиси 40.000 денари. Платите во образованието и здравството се двојно поголеми, покачени се платите во образованието, полицијата, армијата, социјалните служби, во сите сектори. СДСМ беше рамо до рамо со работниците во време на големите кризи – економската, енергетската и здравствената, помогна да се спасат илјадници работни места“, дополнуваат од СДСМ.
Како што велат, со СДСМ е можен европски животен стандард, со просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра.
„Програмата за млади предвидува по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, додека грантовите за отпочнување на сопствен бизнис за млади, се зголемува на 8.000 евра. Платите на медицинскиот персонал значително ќе се зголемат. Специјалистите ќе имаат до 180.000 денари плата, општите доктори, до 120.000 денари. Медицинските сестри, до 90.000 денари. Работниците и нивниот труд се двигател на секоја економија, на секоја држава. СДСМ нема да се откаже од унапредување на работничките права, раст на платите, подобро платени работни места“, завршуваат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.