Македонија
Николоски: Од следниот месец пензиите ги зголемуваме 2.500 денари, а до март за дополнителни 2.500 денари
„Во мојот ресор за жал проблеми колку сакате, но ќе гледам да имам многу проекти, да излегувам со позитивни вести а проблемите да ги решавам и да давам информации кога ќе бидат решени“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на одбележувањето на 34 години од основањето на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.
Николоски во однос на состојбата за неговиот ресор истакна дека таа е финансиски катастрофална и додаде:
„Сакам да споделам неколку податоци за да ги знаете и вие. Буџетската дупка е огромна, трошоците се огромни, но тоа не значи дека нема да го реализираме она што го ветуваме и веќе со ребалансот на буџетот кој би требало да биде усвоен во Собранието до крајот на месец јули, а да биде поднесе веќе следната недела, планираме да доделиме 100 милиони евра помош за општините со пакетот за поддршка на општините кој што го ветивме кој што в година ќе биде 250 милиони евра затоа што ќе е цела година, а пензиите се зголемуваат за 5,000 денари како што ветивме и почнуваат од следниот месец со 2,500 денари и до март месец уште 2,500 денари така што 5,000 денари во една година како што ветивме“, посочи Николоски.
Николоски заклучи дека граѓаните очекуваат решенија а во исто време мора да имаме и нови проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи на COSP11 во Доха: Стратегиите против корупцијата бараат лидерство, имплементација и јавна доверба
Заменик претседател на Владата, задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше на 11-тата сесија на Конференцијата на државите членки на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (COSP11), која се одржува во Доха.
Заменик претседателот, Фетаи, се обрати на панел-дискусијата посветена на сеопфатните антикорупциски стратегии во Југоисточна Европа, при што истакна дека антикорупциските политики и стратегии можат да обезбедат одржливи резултати само доколку се поддржани од силно владино лидерство, ефикасна институционална координација и активно учество на граѓанското општество.
Во своето излагање, Фетаи нагласи дека стратешките документи имаат суштинска вредност единствено доколку се преточат во конкретни механизми за имплементација, следење и отчетност, со што фокусот се пренасочува од формални заложби кон мерливи и конкретни резултати.
Осврнувајќи се на искуствата на Република Северна Македонија, тој ја потенцираше важноста на пристапите базирани на податоци, дигитализацијата на процесите и институционалната транспарентност како клучни алатки за намалување на ризиците од корупција и за зајакнување на јавната доверба во институциите.
Македонија
Петрушевски: Ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница, на повидок нов раскол во СДС?
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ објави дека денеска ниту еден пратеник од СДСМ не присуствува на собраниската седница. Тој прашува дали на повидок е нов раскол во СДС?
„Денес, ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница. Дали е случајност или некому испраќаат порака? Особено што вчеравечер Филипче го објави новиот тим на СДС во кој речиси и да нема актуелен пратеник. Очигледно, незадоволството не може да се сокрие“, вели Петрушевски.
Според него, кога внатрепартиските калкулации им се поважни од институциите, резултатот ќе е уште подлабока криза во редовите на опозицијата.
Македонија
Јаневска: За забрзување на напредокот, во 2026 рекордни вложувања во науката
Јавните ресурси се ограничени. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година сé поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“.
Истражувањето го спроведува тим од Правниот факултет, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, за стимулирање на научно-истражувачки проекти.
Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во наука. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет.
Министерката Јаневска посочи дека следната, 2026 година ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука, што е континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година и 680 милиони денари во 2025 година.
„Преземаме бројни активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што потпишавме договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, нагласи Јаневска.
Укажа на зголемените плати на универзитетските професори за 14% и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus. Се подготвуваат, како што беше речено и две нови законски решенија, за високо образование и за научно-истражувачка дејност, што, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно – технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.

