Македонија
Нинџа: 27 април да биде поука за идните генерации, политиката да не си игра со чувствата на народот
Жалам за настанот што се случи на 27 април во Собранието, жалам и за последиците и за секој повреден. Ова нека биде поука за идните генерации дека политиката не треба да си игра со чувствата на народот. Прифаќам одговорност за дејствата доколку судот утврди дека сум сторил нешто нелегално, рече обвинетиот Александар Василевски – Нинџа во завршните зборови за крвавиот четврток.
Тој истакна дека за време на предистражната постапка соработувал со Обвинителството, но не се договорил сè со цел вистината да излезе на виделина.
„Александар Василевски во ОЈО соработуваше во интерес на вистината и правдата. Без никаков притисок и уцена од Обвинителството. Со обвинителката не се спогодував, туку соработував, тоа може да го потврди и Русковска. Кажав сè, од изборите, ДИК, тиранската платформа, УБК, директорот, прикриените операции и оперативниот штаб во МВР. Татко сум на малолетно дете – 13 месеци. Сам се пријавив да учествувам во случајот и единствената причина што бев недостапен за органите на прогонот беше здравјето на моето дете. Кога сè излезе во ред, самиот се пријавив на 11 јуни 2018 година пред судија на претходна постапка“, рече Нинџа.
Василевски истакна дека УБК направила сè за да ги уништи видеоматеријалите, на кои се гледа инволвираност на оперативците во случајот. Имало обид за бришење на снимките од ГТЦ и од собраниските безбедносни камери.
Обвинетиот Нинџа пред судот го изнесе листингот со разговори што тој ги остварил на 27 април 2017. Преку листингот Василевски тврди дека не организирал 68 лица за упадот во Собранието за што го товари Обвинителството.
Александар Василевски – Нинџа е последниот од листата обвинети што дава завршни зборови. По завршување со овој дел од постапката, претседателката на судечкиот совет ќе закаже термин за одржување рочиште на кои ќе им биде изречена пресудата на обвинетите.
За крвавиот четврток беа обвинети 33 лица, од кои 15 беа амнестирани, меѓу кои се најдоа пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои беа обвинети за отворање на собраниските врати, како и пратениците Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски.
Со законот за амнестијата опфатени беа и предводниците на протестите „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, Борис Дамовски и Владо Јовановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

