Македонија
Нова веб-апликација за следење на жешките точки и еколошкиот статус на Охридското и Преспанското Езеро
Група на студенти разви веб-апликација која овозможува интерактивно прикажување на биолошкиот статус на Охридското и Преспанското Езеро. Оваа апликација е создадена да ги прикаже клучните еколошки параметри и податоци за двата езера низ годината кои произлегуваат од работата на Хидробиолошкиот завод Охрид.
Преку веб-апликацијата hidrobioloski-zavod-ohrid.vercel.app, граѓаните, научниците и љубителите на природата ќе можат во секое време да пристапат до податоци за загаденост, температурата на водата, нивото на кислород, состојбата на биолошките видови и други значајни фактори кои влијаат на екосистемите на езерата. Апликацијата претставува практичен начин за подобро разбирање на состојбата на овие природни богатства и ја нагласува важноста на нивната заштита.
„Горди сме што студентите покажаа како иновативни решенија можат да придонесат за зачувување на природната средина. Оваа веб-апликација ќе овозможи транспарентен пристап до податоците за езерата, што е значаен чекор кон нивна одржлива заштита,“ изјави Иван Јованов од Здружението Лидери за едукација, активизам и развој, организацијата реализитор на проектот Иновациските кампови.
Директорката на Хидробиолошкиот институт, Орхидеја Тасевска, го истакна значењето на ова решение: „Оваа апликација ќе ја приближи науката до јавноста и ќе овозможи сите заинтересирани страни да имаат пристап до најновите податоци за состојбата на езерата. Веруваме дека ова е одличен пример за тоа како младите можат да придонесат со своето знаење и креативност во заштитата на природата.“
Веб-апликацијата веќе е достапна за користење на hidrobioloski-zavod-ohrid.vercel.app, а повеќе информации може да се добијат преку веб-страницата на Хидробиолошкиот институт Охрид.
Оваа веб апликација беше развиена во рамки на проектот „Иновациски кампови во сорабока со Мрежата за искуствено учење“ е реализиран од Здружението LEAD во партнерство со УНИЦЕФ и со финансиска поддршка на Шведска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

