Скопје
Новите објекти во Кисела Вода се приклучуваат кон системот за централно греење
Новиот директор на „ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија“, Петар Милетиќ, оствари средба со засегнатите страни со цел да се реши прашањето за приклучување кон системот за централно греење во новоизградените и објектите, кои се во изградба на потегот помеѓу булеварот Борис Трајковски и улиците Михаил Чаков, Народни херои и Лазар Димитров.
„Поради неажурноста и неодговорноста на претходното раководство, топловодот не бил реализиран неколку години, но конечно новото раководство наиде на разбирање и решение за овој проблем со изградба на нов секундарен топловод“, велат од ЕСМ.
Се додава дека со изградбата на секундарниот топловод ќе се создадат услови за приклучување кон системот за централно греење. Инвеститорите на објектите во согласност со своите обврски, конечно, ќе може да ја завршат постапката за приклучување на објектите кон системот за централно греење.
Во согласност со одобрението за градење бр. 13-2942/3 од 24.7.2024 година и правосилност од 3.9.2024 година издадено од страна на Општина Кисела Вода, „ЕСM Дистрибуција на топлинска енергија’ ДООЕЛ Скопје ќе почне со изградба на нов секундарен топловод А3.010 од постојна шахта 010 на вод АЗ, делница 005, за планирани објекти според ДУП Ј13 за населбата 11 Октомври, Скопје.
Исто така, како што се додава Милетиќ, во најкус временски период потпиша 27 согласности за испорачување на топлинска енергија во новоизградените објекти.
„Граѓаните може да бидат спокојни. Активностите ќе се изведуваат експедитивно, без застој и навремено, тоа јавно го ветувам“, истакна директорот Милетиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Хуманитарни пакети за социјално загрозените лица во општина Ѓорче Петров
Денес, на денот на Свети Василиј Велики – симболот на дарежливоста и хуманоста, Општина Ѓорче Петров, заедно со градоначалникот Александар Стојкоски, спроведе акција за доделување хуманитарни пакети на социјално загрозените лица и семејства, извести општината.
Акцијата беше реализирана во соработка со општествено одговорна компанија, со цел да се пружи поддршка на оние на кои им е најпотребна во овие празнични денови. Пакетите вклучуваа основни прехранбени и хигиенски производи, додека за најмалите беа подготвени посебни изненадувачки пакетчиња, кои донесоа радост, насмевки и топлина во домовите на нашите сограѓани, велат од општина Ѓорче Петров.
„Свети Василиј Велики целиот свој живот го посветил на помагање на најслабите, а неговото дело нè инспирира и денес. Со оваа акција сакаме да потсетиме дека секое семејство заслужува достоинствени празници и полна трпеза,“ изјави градоначалникот Александар Стојкоски.
„Оваа иницијатива е уште еден доказ за посветеноста на Општина Ѓорче Петров да создава заедница заснована на хуманост, солидарност и грижа за најзагрозените категории граѓани“, додаваат од општината
Скопје
„Комунална хигиена“ – Скопје продолжува со активностите за расчистување на снегот во сите скопски општини
И во текот на вчерашното деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во три смени реализираа активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, како и во пешачките зони во централното градско подрачје, велат од Комунална хигиена-Скопје.
Воедно, во скопската општина Чаир беа спроведени и вонредни активности за отстранување неколку диви депонии лоцирани на улиците Џон Кенеди – до ООУ „Васил Главинов“, Славеј Планина – во непосредна близина на скопското Теќе и булеварот Крсте Мисирков – зад т.ц. Мавровка.
Во рамките на овие активности беа подигнати и транспортирани вкупно 50 кубни метри непрописно одложен отпад, соопшти Комунална хигиена-Скопје.
Скопје
ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје реализира активности за расчистување на снегот во сите скопски општини
Вчера, ЈП Комунална хигиена-Скопје со максимална ангажираност на сите расположливи работници во три смени спроведуваше активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот.
„Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија. Екипите на Претпријатието го расчистуваа и реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието на РМ, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и сите пешачки мостови. ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот и во текот на денешниот ден и претстојната ноќ“, соопштија од ЈП Комунална хигиена-Скопје.