Македонија
Нови инвестиции во јавните претпријатија на Град Скопје
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ на седницата во четврток ќе ги поддржи предложените инвестициони програми на јавните претпријатија за 2017 година, со која продолжува опремувањето на јавните претпријатија со опрема и со механизација.
„На денешната седница ќе бидат предложени инвестициони програми на три јавни претпријатија во кои се предвидени инвестиции во набавка на механизација, опрема, возила и други важни инвестиции во износ од над 212 милиони денари или околу 3,5 милиони евра“, рече Марјан Додовски, советник во Град Скопје.
За потребите на ЈП „Паркови и зеленило“ќе биде набавена нова опрема, што значи нови возила и механизација за што ќе се инвестираат над 20 милиони денари. За потребите на ЈП „Улици и патишта“ќе биде набавена нова опрема, значи возила и механизација за што ќе се инвестираат 25 милиони денари, додека ќе се одвојат дополнителни 30 милиони денари за изградба на нови простории за секторот механизација, со што ќе се затвори ова повеќедецениско прашање.
За потребите на ЈП „Комунална хигиена“ ќе се набави нова механизација и возила за што ќе се издвојат околу 72 милиони денари, понатаму околу 20 милиони денари за набавка на дополнителна опрема, садови за смет, и уште 45 милиони денари за реализација на проекти како постапување со отпадот, поставувањето на подземни контејнери, рециклажа и собирање на кабаст отпад, или вкупно над 137 милиони денари.
Тој потсети дека на минатата седница на Советот на град Скопје беа усвоени и инвестиционите програми за 2017 година на ЈП „Градски паркинг“, ЈП „Водовод и канализација“ и ЈП ЈСП-Скопје.
Со ова, во 2017 година, за опрема, механизација и возила, како и за инфраструктурни инвестиции, јавните претпријатија на Град Скопје ќе инвестираат близу три милијарди денари./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

