Македонија
Нови кривични за поранешни директори на Агенцијата за филм, се сомничат за 289.847.400 денари
Управата за финансиска полиција на Р. Македонија поради постоење сомнение дека се сторители на кривични дела до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против лицата Д.Б, во својство на директор на Агенцијата за филм на Република Македонија за 2014 година, и М.Ѓ.И. во својство на директор на Агенцијата за филм на Република Македонија за 2015 и 2016 година, за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, член 353-в ст. 1 и 3 од КЗ на Р.М.
„Пријавените Д.Б. и М.Ѓ.И. како директори на Агенцијата за филм на Република Македонија за период од 07.08.2014 до 31.12.2016 година искористувајќи ја својата службена положба со пропуштање должен надзор очигледно несовесно постапиле во вршење на своите службени овластувања и должности, спротивно на член 12 став (1) алинеи од 1 до 7, член 13 став (3) и член 18 став (1) алинеја 7 од Законот за филмска дејност, не изготвиле решенија за утврдени надоместоци кои Друштвото за трговија и услуги ‘Тотал ТВ’ ДОО Скопје било должно да ги пресмета и уплати како обврзник кон Агенција за филм на Република Македонија, а врз основа на остварени приходи од вршење дејност во период за период од 2014 до 2016 година“, соопштува Управата за финансиска полиција.
Во соопштението се вели дека надоместокот е по основа на обезбедување пристап до интернет, и тоа стапка од 1% од вкупни годишни приходи во износ од 289.847.400 денари од вршењето на дејноста кои ги остварило Друштвото „Тотал ТВ“ ДОО Скопје.
На тој начин пријавените Д.Б. и М.Ѓ.И во својство на директори на Агенцијата за филм на Република Македонија не изготвиле решенија за утврдени надоместоци и не повеле правни постапки, со што му овозможиле на Друштвото „Тотал ТВ“ ДОО Скопје да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 2.898.474 денари, оштетувајќи ја Агенцијата за филм на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

