Македонија
Нови 90 професионални војници во служба на АРМ
Во четвртокот во касарната Илинден во Скопје се одржа свеченост по повод приемот на 90 нови професионални војници во служба на Армијата на Република Македонија, при што министерот за одбрана Зоран Јолевски во своето обраќање посочи дека клучен елемент за успехот на секоја Армија е високо обучениот, мотивиран и квалитетен професионален воен персонал.
„Со овој прием на 90 професионални војници, како и со претходните приеми, сакаме да ја постигнеме и посакуваната пополна на единиците со високо квалитетен, способен, мотивиран и обучен персонал“, рече министерот на свеченоста и додаде дека 9 од професионалните војници ќе бидат дел од специјалните сили со што се подобрува пополната и квалитетот и на оваа единица.
Обраќајќи им се на професионалните војници, министерот посочи дека овој ден ќе биде посебен во нивниот живот, ден кој ќе го паметат засекогаш. „Вие поминавте низ ригорозен процес на селекција и докажавте дека сте најдобри меѓу најдобрите. Имавте силна волја, мотивација и желба да бидете избрани и да ја носите униформата на Армијата на Република Македонија, униформа која претставува гордост и престиж“.
Јолевски потсети дека и во иднина треба да се работи посветено, чесно и хумано и дека подготвеноста, енергијата и желбата за успех ќе бидат основата за напредокот во нивните кариери. „Вашата основна функција е борбената готовност, што значи подготвеност да се исполни уставната функција на АРМ, како гарант за територијалниот интегритет, суверенитет, независност и унитарниот карактер на Република Македонија“, заклучи министерот во своето обраќање пред ново-примените професионални војници.
Ново примените професионални војници поминаа преку ригорозен процес на селекција кој вклучува медицински и психо-физички проверки. Шест од 90 ново-примени војници се жени, а една од нив ќе биде дел и од Полкот за специјални операции, соопштуваат од Министерството за одбрана./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

