Македонија
Нормализирана состојбата во Аеродром по вчерашното невреме, сите семафори вратени во функција

Кризниот штаб на Општина Аеродром е во постојано заседавање, а утрово одржа и итен состанок по вчерашното невреме, кое нанесе материјална штета, а повеќето од аеродромци останаа и без електрична енергија поради паднат далновод на ЕВН.
Во моментот дефектот е саниран и напојувањето со електрична енергија е нормализирано на целата територија на Аеродром.
На денешниот состанок беше донесена одлука сите урбани заедници да испратат информации за состојбата на терен, а кризниот штаб ќе биде во постојана комуникација со сите надлежни институции за што побрзо отстранување на последиците од обилните врнежи.
Командирот на полициската станица во Аеродром, Тони Петровски, информира дека во текот на изминатата ноќ биле зајакнати полициските контроли со цел да се превенираат евентуални несакани несреќи.
Тој исто така посочи дека речиси сите семафори се вратени во функција, кои поради недостиг на струја не работеа. На тие точки во текот на ноќта беа мобилизирани полициски службеници, кои го регулираа сообраќајот за безбедност на граѓаните.
Кризниот штаб апелира до аеродромци на внимателност и во текот на денешниот ден поради најави од повторно невреме.
Мобилните екипи во соработка со полицијата се во целосна подготвеност да интервенираат доколку има потреба од тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.