Македонија
Обвинение за камионџијата од сообраќајната несреќа на скопската обиколница, во која загинаа двајца
Скопското Основно обвинителство поднесе обвинителен предлог против камионџијата кој на 21 овој месец предизвика сообраќајна несреќа на скопската обиколница, во која животот го загубија две лица, од кои еден полицаец.
Возачот на камионот се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Како што информираат од Обвинителството, на 21 овој месец на автопатот Скопје – Тетово – обиколница како учесник во сообраќајот камионџијата не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и ги довел во опасност животот на другите учесници.
Тој управувал со камион МАН со скопски регистарски таблички и кога дошол пред надвозникот кај Визбегово, не се движел по средината на обележаната сообраќајна лента. Поточно, камионот со десните тркала се движел по сообраќајната лента за принудно запирање, со што постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Од тие причини тој удрил во задниот лев дел на автомобил „бмв 535“ со гостиварска регистарација, кој бил запрен во десната сообраќајна лента заради контрола од страна на мобилна полициска екипа.
Од силата на ударот автомобилот „бмв“ се придвижил нанапред и удрил во паркираниот полициски автомобил „шкода јети“ и во металната одбојна ограда покрај патот.
Автомобилот „бмв“ се запалил, при што сопатникот изгорел на самото место. Полициското возило од силината на ударот се придвижило и удрило во пешаците – возачот на автомобилот „бмв“, кој бил излезен надвор од својот автомобил, и двајцата полицајци.
Сите тројца добиле повреди и биле пренесени на Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Еден од полицајците подоцна им подлегнал на повредите добиени во сообраќајната несреќа.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стоилковски го поздрави лидерот на ДУИ јадејќи бисквита: „Поздрав, Али“
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на социјалните мрежи објави видео во кое, јадејќи бисквита го поздрави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Стоилковски вели дека оди на состанок со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа зема бисквита и почнува да ја јаде.
„Поздрав, Али“ , вели Стоилковски.
Стоилковски алудира на изјавата на Ахмети која тој ја даде од митингот на „Европскиот фронт“ во Скопје пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори кога рече оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е израснат со бисквити и гурабии.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.