Македонија
Мерко дозволил бесправно градење објект кај базенот на хотелот „Дрим“, обвинение против 11 лица и една фирма
Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен акт против 11 физички и едно правно лице во врска со бесправно градење објект кај базенот на хотелот „Дрим“.
Правното лице и неговиот управител во мај 2019 година поднеле барање за целосна реконструкција на постојниот базен на хотелот врз основа на основен проект изготвен во 2016 година.
Градоначалникот на општина Струга, третообвинет во предметот, постапувајќи по барањето, наместо да го одбие или да дозволи реконструкција во постојниот габарит на објектот, во јули 2019 донел одобрение за градба со кое на инвеститорот му овозможил да изгради и да стекне имотна корист – недвижност, односно дополнителен кат на објектот со отворена галерија и тераса, со вкупна бруто-површина од 513 м2 и проценета вредност од 781.527 евра. Со ова тој ги пречекорил границите на своите службени овластувања, постапил надвор од барањето за реконструкција и спротивно на постапките пропишани во Законот за градбата, а со цел за друг да прибави имотна корист.
Четвртиот и петтиот обвинет се исто така службени лица – референт и раководител од Секторот за урбанизам и просторно планирање на Општина Струга, кои го изготвиле и одобриле одобрението за градба, со што несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности.
Врз основа на вака незаконски издадено одобрение, инвеститорот – обвинетото правно лице и управителот почнале градба на објектот и наместо одобрениот кат – отворена галерија со тераса, извеле целосно затворен кат со хотелски апартмани и спа-центар и уште една надградба – кат со затворен ресторански дел и помошни простории, како и дополнително изградена спојница – депанданс со стариот дел на хотелот. Вкупната површина на вака бесправно изградениот објект спротивен на одобрението за градење изнесува 1.630 м2.
Другите седум обвинети во предметот се вештаци од областа на градежништвото, архитектурата и урбанизмот кои давале лажни наоди и мислења во кривичната постапка за бесправно градење. Имено, Основното јавно обвинителство Струга, водејќи ја истрагата за овој предмет наредило три вештачења – во 2021, 2022 и 2023 година од различни стручни лица од наведените области кои во наодите тврделе дека бесправно изградениот објект според своите габарити, внатрешна површина и висина одговара на техничката документација од основниот проект. Тие не навеле дополнителни забелешки за реалната состојба на лице место, а сите отстапувања ги констатирале како законски уредени измени при градење.
Првообвинетото правно лице и управителот се обвинети за кривично дело бесправно градење од член 244-а, градоначалникот за злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353, двајцата други службеници во Општината како соизвршители за кривично дело несовесно работење во службата од член 353-в, а вештаците се обвинети за кривично дело давање лажен исказ според член 367 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

