Македонија
Обвинителите кои не постапија за крвавиот четврток се жалат оти пола година ќе земаат пониска плата
Тројцата обвинители за кои петчлената комисија во Јавното обвинителство констатира дисциплински повреди за непостапувањето по настаните од 27 април поднеле жалби до Советот на јавните обвинители, дознава „Макфакс“. Сепак, иако жалбите се поодамна пристигнати во Советот на јавни обвинители, за нив членовите ќе одлучуваат откако ќе завршат изборите.
Според првостепената одлука на комисијата, обвинителите пола година треба да добиваат помала плата за 30%. Обвинителите Златко Биковски, Гордана Ѓешковска и Јован Цветановски куртулија од разрешување за ненавремено непреземање истражни дејствија на крвавиот четврток во Собранието. Најстрогата казна во дисциплинската постапка е предлог за разрешување, од којашто куртулија обвинителите.
Според нашите информации, критичниот ден не бил направен веднаш увид во Собранието и не биле собрани доказите, наводно поради безбедноста на обвинителите, а не бил свикан ниту колегиум.
Увидот бил направен следниот ден, в петок, на 28 април, од двајца обвинители, но дотогаш веќе биле изнесени компјутерските хард-дискови со снимките од законодавниот дом. Дисциплинската комисија, која работеше од средината на 2018 година, сослуша сведоци кои ги предложиле посочените тројца обвинители.

Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски вечерта на 27 април свикал состанок на тројцата обвинители и заедно одлучиле да не постапат критичната вечер за организираниот напад на Собранието на 27 април. Зврлевски не може да биде дисциплиниран, зашто веќе не работи во обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Форнавре: Односите меѓу Шведска и Северна Македонија се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство Шведска – Северна Македонија на шведскиот Риксдаг, предводена од претседателката на Групата, Лота Џонсон Форнарве.
На средбата присуствуваше шведскиот амбасадор во нашата земја, Ола Солстром, како и претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, Дафина Стојаноска.
Претседателот Гаши ја истакна долгогодишната поддршка и пријателство на Кралството Шведска кон нашата земја, нагласувајќи дека односите меѓу двете држави се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување.
Посебно беше изразено задоволство од формирањето на Групата за пријателство со Северна Македонија во шведскиот Риксдаг, што претставува важен чекор кон унапредување на парламентарната соработка.
Пратеничката Дафина Стојаноска упати благодарност за континуираната шведска поддршка за стратешката цел на нашата земја – полноправно членство во Европската Унија.
Се разговараше за остварување проекти во следниот период во повеќе области – земјоделство, бизнис, родова еднаквост, што ќе значи континуитет на поддршка и пријателство.
Присутните соговорници се согласија дека интензивната меѓусебна комуникација и размената на искуства придонесуваат кон приближување на државите и народите на Шведска и Северна Македонија.
Македонија
Даме Димитровски нов претседател на Советот на Град Скопје
Даме Димитровски е избран за нов претседател на Советот на Град Скопје. Тој кажа дека Советот ќе функционира во служба на граѓаните, со дијалог, транспарентност и отчетност.
„Денеска, на конститутивната седница на Советот на Град Скопје, сум избран за претседател на Советот. Благодарност до советниците за довербата и до скопјани за поддршката. Советот ќе функционира во служба на граѓаните, со дијалог, транспарентност и отчетност. Ќе бидеме активен чувар на јавниот интерес и ќе работиме доследно на спроведување на темелните политики: чист град, функционален јавен превоз, безбеден сообраќај, повеќе зеленило и современи јавни услуги“, рече Димитровски.
Македонија
Директорите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Агенцијата за национална безбедност потпишаа Меморандум за соработка
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување директорот, Никола Мемов и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски потпишаа Меморандум за соработка.
„Сакам да ја поздравам иницијативата на директорот на Агенцијата, Христовски за потпишувањето на Меморандумот, затоа што ќе придонесе во олеснувањето на комуникацијата и соработката помеѓу нашите институции и во таа насока е многу оправдана“, оцени директорот на Фондот, Мемов.
Сметам дека, додаде тој, остварувањето на надлежностите на Агенцијата е од големо значење за безбедноста и иднината на нашата држава и во таа насока соработката на сите нивоа е неопходност.
„За Агенцијата потпишувањето на Меморандумот е од исклучително значење, бидејќи нашата работа подразбира создавање на информација, што значи потреба од собирање на податоци од најразлични извори“, рече Христовски.
Тој додаде дека овој вид на податоци им помагаат во подобрувањето на работата на Агенцијата и остварувањето на нивната задача.
Со Меморандумот се уредува начинот на соработка помеѓу двете институции, како и размената и заштитата на податоците кои се потребни за спроведување на законските надлежности од делокругот на работата на Агенцијата. Во фокусот ќе биде размена на три сета на податоци со кои располага Фондот, преку авторизиран пристап и максимална безбедносна заштита на истите.
Мемов и Христовски се согласија дека соработката помеѓу инсититуциите е од исклучително значење за безбедноста на државата и оневозможување на било какви закани.

