Македонија
Обвинителката го охрабри Жан Митрев да даде гаранција ако не сака да му бидат блокирани сметките
Обвинителката Искра Хаџивасилева, денес, по одложеното прво рочиште за судењето на Жан Митрев, го охрабри кардиохиругот да даде гаранција со која ќе се обезбедат побарувањата на оштетените доколку не сака да му бидат блокирани сметките. Клиничката болница „Жан Митрев“ денес соопшти дека Кривичниот суд им ги блокирал сметките ден пред првото рочиште.
„Ова е нешто тоа трае подолго време, не е претензија да се блокира работата на болница. Се раководевме од начелата и стандардите на пропорционалност и неопходност. Имате, од едната страна, интерес на оштетени, имотно-правно побарување, кое е предјавено. Јас чувствувам обврска да го заштитам тоа, но повторено е неколкупати, како и денес, дека одбраната може да понуди износ како гаранција за побарувањето и тоа е нешто што Обвинителството и тоа како ќе го цени и дури и го охрабрува“, рече обвинителката Хаџивасилева.
Блокирање на сметките Обвинителството предложило пред повеќе од три месеци, а судот вчера одлучил да се замрзнат сметките по она што е последна состојба.
Обвинителката Хаџивасилева даде коментар и на реакциите за судењето.
„Реакции има, некакви небулози, па и некакви изјави за хајки. Јас не можам да знам за такво нешто, можам да кажам дека Обвинителството работи врз основа на факти и прибира доказен материјал, кој потоа го анализира. Овој предмет е почнат по допрен глас врз основа на новинарско истражување и не само тоа, туку однапред беше јасно дека постоеле и претходно пријави од многу лица, што биле доставувани до Лекарската комора и до невладини здруженија. Обвинителството собираше докази, од доказите утврди некаква фактичка состојба и поднесе обвинение бидејќи сметаше дека основаното сомневање е потврдено од доказите. Тоа се објективните работи, а какво е субјективното чувство на обвинетиот – не знам“, рече обвинителката Хаџивасилева.
На денешното рочиште новиот правен тим на Жан Митрев доби рок до 5 април да ја подготви одбраната. Жан Митрев и неговата клиника кои се товарат за измама оти ги држеле во заблуда пациентите со прикривање факти во однос на лекувањето од Ковид – 19 со хемофилтрации. Истрагата за Жан Митрев и неговата болница беше отворена по допрен глас откога Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го објави истражувањето „Нечиста крв“ за пациентите на болницата, а Скопското јавно обвинителство во јануари годинава поднесе обвинение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

