Македонија
Обвинителот Јакимовски очекува преиспитување на казните во случајот „Ласкарци“, роднините се незадоволни
Јавниот обвинител Дарко Јакимовски, што се однесува до одлуката за санкциите, рече дека таа секако ќе биде преиспитана и тоа за сите обвинети, откако вкупно 39 години добија обвинетите во случајот „Ласкарци“ за автобуската несреќа што се случи во 2019 година, во која животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени.
„Нашите очекувања беа дека казните нема да се движат поблиску од законскиот минимум за казнување за ова кривично дело за кое може да се движи од 4 до 20 години. Во тој поглед секако дека ќе се преиспита казната, која е битна алка во одговорноста, и се надевам дека во иднина никогаш нема да бидеме сведоци за ваква трагедија“, рече Јакимовски.
Јавниот обвинител Дарко Јакимовски, од друга страна, во своите завршни зборови побара најстрога казна бидејќи, според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време, само по која основа, како што рече, „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.
За роднините на загинатите во автобуската несреќа, Судот бил благ кон прво-обвинетите.
„Ова се минимални, требаше да добијат максимални казни за оваа трагедија. Во историјата на постоењето на градот Гостивар немало ваква трагедија, како да бидеме задоволни со вакви казни, посебно на првообвинетиот, второобвинетиот, третиот, четвртиот и петтиот. Сметам дека се казните минимални. Ќе бидете известени дали ќе ги обжалиме и понатаму какви чекори ке преземеме ние како оштетени што ги изгубивме своите најмили во овааа сообраќајна незгода“, посочи роднина.
Судечкиот совет при Основниот кривичен суд – Скопје го прогласи за виновен обвинетиот Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, и му изрече казна затвор од четири години, на одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, казна затвор од шест години, а на тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, им изрече затворска казна од по пет години.
Најголема казна затвор од 14 години доби возачот на автобусот, Маноил Трифуновски.
Во автобуската несреќа, која се случи во 2019 година, животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

