Македонија
(Видео) Распаднати тела од кучиња и друг отпад во отворена дупка близу депонија Шапкар, ова ли се ЕУ стандарди, прашуваат од „Анима Мунди“
Распаднати тела од кучиња и друг отпад во отворена дупка близу депонија Шапкар – ова ли се ЕУ стандарди кои им ги продавате на граѓаните, ваков ли е хуманиот третман на кучињата во ЈП Лана, прашуваат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.
„На територија кај село Сачево каде наводно хумано се третираат кучиња од 5 општини: Струмица, Демир Капија, Ѓевгелија, Велес, Валандово, на локација која е тешко пристапна, скриена од сите , покрај моралната катастрофа – за убиство на животни чија благосостојба треба да е гарантирана со закон- се случува еколошка катастрофа опасна по сите жители во реонот Доброшинци каде ЈП Лана ги носи мртвите лешеви, дувло на болести и зарази“, се наведува во информацијата од ова здружение.
Прашуваат тоа ли се вдомените кучиња од ЈП „Лана“, кои како такви, како што велат, фигурираат во некакви си смешни извештаи на претпријатието, како бројки.
Бараат итно постапување од Агенцијата за храна и ветеринарство , темелна истрага и затворање на стацинарот се додека не се овозможат сите услови за хуман третман на животните, да се обезбеди задолжителен влез на струмичките активисти, да се казнат општините и сите одговорни и инволвирани за убивањето на животните, градоначалниците на општините кои се наведени и во кои од здружението гледаат наредбодавци.
„Бараме итен инспекциски надзор Министерството за животна средина, Државниот испекторат за животна средина , наодите да се соопштат јавно, а сторителите да се казнат.
Животните се безгласни жртви на овој воспоставен, уигран систем и ќе бидат се додека се молчи. Го поддржуваме протестот на струмичките активисти „Animal Lovers – Strumica“ , а сите засегнати хумани граѓани ги повикуваме на протест“, децидни се од здружението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Луѓето од 27 април не бараат амнестија, туку правда, да не одговараат за делата кои не ги направиле
На изборите на 8 мај се одлучува дали оваа криминална влада ќе биде поразена и истата банда ќе се соочи со одговорност, или ќе продолжи да кради и распродава, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кога веќе Спасовски се одлучи давенички да прави капитал со настаните 27 април, тогаш нека одговори на едноставното прашање кој највеќе искористи со настаните на 27 април? Кој направи влада после овие настани? Дали за монтираниот судски процес не беше наградена Русковска и Кацарска? Како Русковска пред време ги знаела пресудите за 27 ми април според јавните сведоштва изнесени во јавноста? Дали мирно спие Спасовски со сознанието дека има драконски казни за дела кои не ги направиле?“, прашуваат од партијата.
Оттаму додаваат дека „луѓето од 27 април не бараат милостина, ниту пак амнестија, туку правда, да не одговараат за делата кои не ги направиле, а им ги товарија и препишаа“.
Македонија
Ковачевски: Никогаш повторно режим, не се откажавме на 27 април, нема да се откажеме ниту на 8 мај
Денешниот ден, 27 април, e најцрниот датум во историјата на нашата демократија и никогаш не смее да се заборават сликите од крвавиот четврток пред седум години, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на својот фејсбук профил. Ковачевски потенцира, дека 27 април е потсетник на едно време на режим, насилство, страв и незивесност.
„Никогаш да не ги заборавиме сликите од крвавиот четврток, сликите на насилниците поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ кои извршија упад во Собранието, се обидоа да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, кои сакаа да да го урнат уставниот поредок. На 27 април пред седум години, се виде до каде може да одат поделбите и омразата, желбата за пресметка со сите оние кои мислат поинаку. Овој датум е потсетник колку лесно опасна, десничарска власт може да ја уништи стабилноста и демократијата, да ја уназади државата. Тогаш не се откажавме од борбата за подобра иднина на граѓаните, за слободна и демократска држава. Нема да се откажеме ниту сега. СДСМ е партија направена од цврст материјал и секогаш на вистинската страна од историјата. Како што не се откажавме на 27 април, нема да се откажеме ниту на 8 мај. Никогаш повторно режим“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Македонија
Силјановска-Давкова: Пратеници кои се претставуваат како екологисти, учествуваат во уништувањето на животната средина
По цунамито во средата сега не очекува вулкан кој ќе создаде услови да се решат проблемите и да се тргне напред во градење на општество каде ќе се почитуваат законите, рече Силјановска-Давкова.
Денеска кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова во рамките на кампањата беше во Mаврово каде што оствари средба со граѓани.
Во своето обраќање од Маврово, Силјановска-Давкова порача:
„Маврово има посебна вредност за Македонија и затоа и државата и граѓаните мора да се грижат за оваа природна и човечка убавина. Мора да запре систематското уништување на животната средина и да запре урбанистичкиот хаос во Националниот парк Маврово. Невидено е во една ваква природна убавина заштитена со закон во 21 век да се градат дивоградби во заштитени зони, да се дозволува во езерото да се влеваат фекалии, не смееме да го уништуваме тоа што ни го дала природата затоа што на тој начин сами се уништуваме.
Уште пострашно е кога и пратеници кои се претставуваат како екологисти, а учествуваат во уништувањето на животната средина и заштитени национални богатства.
По цунамито во средата сега не очекува вулкан кој ќе создаде услови да се решат проблемите и да се тргне напред во градење на општество каде ќе се почитуваат законите и ќе се регулира животната средина но и правото на граѓаните да живеат достоинствено во секој поглед“.