Daily news
„Анима мунди“ тврди дека се убиваат бездомни кучиња пред УЕФА Суперкупот, Град Скопје демантира
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ бара од градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, да запре заловувањето бездомни кучиња во пресрет на УЕФА Суперкупот, кој ќе се игра на 8 август на градскиот стадион. Од ЈП „Комуналнна хигиена“ демантираат дека во пресрет на овој спортски настан ќе се спроведе масовно убивање на бездомните кучиња во центарот на градот.
Од здружението велат дека од доверливи извори дознале дека „Вардариште“ почнал со масовно заловување и убивање на бездомните кучиња во центарот на Скопје.
„Се обраќаме до Град Скопје и сите надлежни институции и бараме да излезат пред медиумите и јавноста со изјава и итно да се отповика оваа налудничава хајка врз бездомните кучиња. Очекуваме поддршка и заложба од Владата на РМ, преку Агенцијата за храна и ветеринарство, во поглед на ова наше барање, особено поради фактот што за програмите за хумано третирање на бездомните животни беше разговарано и тие беа имплементирани во предизборните програми на некои од партиите на власт“, велат од „Анима мунди“.
Од таму велат дека срамно е што сега надлежните се загрижени за безбедноста на туристите, а со години не се грижат за безбедноста на граѓаните и го игнорираат проблемот со бездомната популација на кучиња.
„Анима мунди“ најави протест за време на Суперкупот доколку надлежните не ги прифатат нивните барања.
Oд ЈП „Комунална хигиена“- Скопје, пак, ги демантира наводите објавени на социјалните мрежи од страна на поединци и невладини организации во кои се тврди дека во пресрет на почетокот на Суперкупот на УЕФА ќе се спроведе масовно убивање на бездомните кучиња во центарот на градот.
Од таму велат дека Градот Скопје од 2007 година го спроведува Проектот за третман на бездомните кучиња според принципите за хуман третман на животните имплементирајќи ја програмата наречена „Залови, стерилизирај, врати“.
„Во согласност со оваа програма бездомните кучиња се заловуваат од страна на специјализирана, обучена и опремена служба за хуман третман и контрола, по што се транспортираат во стационарот ‘Вардариште’. Би сакале да го потенцираме фактот дека секое заловено куче го прегледува екипа од ветеринарни доктори кои проценуваат дали животните се здрави и дали со своето однесување претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните“, велат од ЈП „Комунална хигиена“.
Од таму напоменуваат дека само заболените, премногу старите, како и прекумерно агресивните кучиња, се подложуваат на евтаназија, а здравите животни се стерилизираат, прочистуваат од внатрешни и надворешни паразити и се вакцинираат против беснило.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.