Македонија
Обвинителството побара Јовановски, Ременски, Ерцеговиќ и другите да бидат осудени за „Меѓународен сојуз“
Судот да ги прогласи за виновни Бојан Јовановски-Боки 13, Фросина Ремнски, Јасна Ерценовиќ, Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска, побара Обвинителството.
Обвинителката Ивана Трајчева тврди дека докажа вина кај Бојан Јовановски-Боки 13, Фросина Ремнски, Јасна Ерценовиќ, Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Таа во судницата ги слушаше завршните зборови што ги напиша за случајот „Меѓународен сојуз“, а ги презентира нејзиниот колега Трајче Пеливанов. Ова е последица на тоа што Трајчева нема мандат бидејќи утре треба да се одлучи дали ќе остане обвинителка за гонење организиран криминал.
„Предлагам судот да ги осуди на казна соодветна на стореното кривично дело. Предлагам судот да им наложи да ја надоместат штетата, а која настанала при извршување на кривичното дело измама“, рече Пеливанов.
Според Пеливанов, Јовановски ветувал изградба на старски домови, а не планирал да ги реализира проектите. Тој тврди дека докажале оти ако Фросина Ременски не одела на состаноци со бизнисмени, Јовановски немало да склучи договори преку Меѓународниот сојуз со бизнисмени. Побара осудителна пресуда и за Јасна Ерцеговиќ и за асистенката Христина Блажевска со тврдење дека докажале помагање.

„Во текот на постапката се докажа дека обвинетите ги сториле делата. Оваа постапка се води за наводно хуманитарно здружение и неговото раководство, чија хуманитарност остана на хартија, а се случи измама. Измамата е за личните интереси на Бојан Јовановски, првиот човек на ова хуманитарно здружение. Тој бил помогнат, и тоа не од кого било, туку од личности што не биле случајно избрани. Сѐ што правеле, правеле заедно. Како ќе измамите некого да ви плати 719.905 евра ако зад вас нема некој што има долгогодишно искуство во овие работи и некој што за вас ќе направи што било. Тука биле поставени луѓе блиски до Бојан Јовановски“, рече Пеливанов.
Обвинителот посочува дека и сведоците го потврдиле тоа.
„Од изведените материјални и вербални докази се докажа дека Јовановски ги довел во заблуда оштетените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, кои се сопственици на фирми, а со цел да набави протиправна имотна корист за себе. Двајцата кажале дека од Бојан Јовановски им бил презентиран проект за старски домови и дека ќе обезбеди државно земјиште. Тие утврдиле дека имале исплатливост од тоа, склучиле и договор. Но, пред договорите имало убедување на состаноци, каде што биле Бојан Јовановски, Фросина Ташевска-Ременски, Јасна Ерцеговиќ. Јовановски знаел дека не може да се обезбеди земјиште за објектите, но не им кажал на оштетените. Тој ги држел во заблуда со цел да извлекува парични средства од нив. Упорноста на Јовановски не се утврди само од оштетените, туку и од сведоците Агапи Дика, Јордан Камчев, Лилјана Тодоровска“, рече Пеливанов.
Според обвинителот, парите што на Лилјана Тодоровска ѝ биле замрзнати од Финансовата полиција, а потоа ѝ биле одмрзнати по што ги извадила во кеш – не било доказ дека тие се легални.
„Судот нема причина за да не им верува на сведоците и на оштетените со оглед дека исказите се поклопуваат со материјалните докази со кои Обвинителството докажа дека Јовановски примил пари во кеш од Амзоски, па кога сфатил дека бил измамен, Јовановски му ги вратил. Ова се докажа и од фотографиите на Јовановски. Зошто Јовановски би му враќал пари на Амзоски ако овој проект не се реализирал од објективни причини“, додаде тој.
Обвинителот тврди дека експремиерот Зоран Заев дал поттик за реализација на проектот, но не помогнал, па додаде: „Идно време било, а не сегашно“.
„Средбите и фотографиите немало да завршат работа ако ја немало Фросина Ташевска-Ременски. Неоспорно се докажува улогата на Ременски, а тоа е дека зад проектите стои и извршната власт. Јасно и неоспорно произлегува свесноста за помагање на Јовановски за кривичното дело измама бидејќи знаела дека извршната власт не стои зад проектите. Но, и покрај ова, Ременски одела на состаноци со оштетените за презентација на договорите. Тие рекоа дека ако не била Ременски потпретседател на СДСМ и на Собранието, немало да склучат договори со Меѓународниот сојуз. Не е зачудувачки овој заклучок на обвинетите со оглед дека таа била само почесен претседател, немала функција. Таа разработувала проекти, што докажува дека била многу повеќе од почесен претседател. Неточно е дека Обвинителството сакало да му наштети на авторитетот што го имала таа“, рече обвинителот.

За Јасна Ерцеговиќ, обвинителот рече дека обвинетата знаела што сѐ правел Бојан Јовановски и што се случува во Меѓународниот сојуз.
„Од сите сослушани сведоци произлезе дека тие во врска со проектот контактирале единствено со Јасна Ерцеговиќ. Дека таа некои денови патувала во Грција, не била постојано во Меѓународниот сојуз, не можело да биде доказ дека не била запознаена што се случува. Обвинетата Ерцеговиќ била во тек со сѐ што се случувало, свесно му помогнала на Јовановски да стори дело измама“, рече обвинителот.
За асистенката Христина Блажевска, обвинителот рече дека од доказите произлезе дека и таа му помагала на Јовановски.
„Учествувала во тековното административно работење. Заедно со Ерцеговиќ ја однеле сведокот Лилјана Тодоровска за да ги извади парите од Комерцијална банка. Неоспорно се докажува вмешаноста. Таа со лицето Кирил Ефремовски разговарала за креирање фиктивни фактури, наводни донации. Неоспорно произлегува вмешаноста на Христина Блажевска во сторувањето на делото измама“, додаде Пеливанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

