Македонија
(Видео) Обезбедени 120 милиони денари за реконструкција на Универзалната сала
Градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција ги соопшти плановите на Град Скопје за реконструкција на објектот на Универзалната сала.
„По усвојувањето на ребалансот на Буџетот за 2020 година од страна на парламентарното мнозинство на предлог на Владата, се отвори можноста за финансирање на 19 капитални инвестиции во повеќе општини ширум државата. Три од нив се однесуваат на капитални инвестиции на Град Скопје. За реконструкција на Универзална сала се предвидени 120 милиони денари буџетски средства. Верувам дека сите сме согласни дека Универзалната сала е омилената културна институција на многу скопјани, а за многу деца, тоа е местото на првиот концерт или културен настан, што ја прави нејзината реконструкција повеќе од неопходна. Со обезбедувањето на буџетските средства конечно се создадени услови за отпочнување на целосна реконструкција на објектот на Универзалната сала, во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје“, рече денеска Шилегов.
Тој објасни дека Градот Скопје на овој чекор се одлучи по широката поддршка од јавноста за идејата Универзална сала да се сочува во постојната форма, на постојната локација, што не значи дека Градот се откажува од идејата за нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, на друга соодветна локација, согласно со потребните стандарди за непречена организација на големи културни и друг вид настани.
„На јавноста и е познато дека за реконструкцијата на Универзална сала постоеја неколку несоодветни проекти изработени по налог на претходните градоначалници коишто од една страна беа прескапи за изведба, а од друга страна не ги задоволуваа потребните просторни капацитети. Реконструкцијата на Универзална сала по проект којшто ќе ја задржи постојната големина и облик е оптимално и единствено разумно решение за повторно ставање во функција на овој објект. Со оваа реконструкција ја исполнуваме и спроведуваме на дело волјата на граѓаните во однос на Универзалната сала, но истовремено мора да нагласиме дека оваа реконструкција не ги задоволува среднорочните и долгорочните потреби за културата во градот. Изградбата на нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, со обезбеден паркинг и соодветно сообраќајно решение за пристап до салата, и ред други просторни и технички стандарди за ваков тип на објекти е нешто што мора да му се случи на Скопје час поскоро. Убеден сум дека наскоро и за тоа ќе успееме да обезбедиме средства и дека изградбата на ваква нова сала, по реконструкцијата на Универзална, ќе биде наш влог во проектот Европска престолнина на културата во 2028“,нагласи Шилегов.
Град Скопје како институција, рече тој, игра сериозна улога во развојот на културата во нашиот град и додаде дека е убеден дека со конкретните чекори кои се преземаат и со поддршката од Владата, стануваме светол пример во регионот. На настанот присуствуаа и се обратија Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и Ирена Стефоска, министерка за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

