Македонија
Обезбедувањето на Чавков контра Нинџа: Директорот во 19 часот беше во „Технометал Вардар“, не во ВМРО
Никола Димитриевски, поранешен член на обезбедувањето на ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, на денешното рочиште за 27 април, на кое беше повикан како сведок, изјави дека додека траел упадот во Собранието, тој заедно со Чавков биле во помошната канцеларија на тогашниот директор, која се наоѓа во фирмата „Технометал Вардар“, чие, пак, седиште се наоѓа во близина на штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Овој исказ е спротивен на сведочењето на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, кој рече дека за време на упадот Чавков бил на осмиот кат во седиштето на партијата од каде, како што кажа, бил командуван упадот на 27 април.
„На 27 април отидовме во МВР и чекавме повик од директорот. Околу 9:30 го зедовме од дома и го однесовме во МВР каде што до 14 часот директорот имаше состаноци. Потоа отидовме во забна ординација позади Сити мол. Веднаш по тоа влеговме во трговскиот центар, се задржавме околу 1 час.
Оттаму отидовме во „Скара бар“, се задржавме околу час и половина. Од таму во 18 часот отидовме во ‘Технометал Вардар’ . Таму се задржавме 2 часа. Од канцеларијата во ‘Технометал Вардар’ отидовме во МВР каде што бевме до 23 часот, а потоа го однесовме во ВМРО-ДПМНЕ каде што рече дека ќе се види со Тодоров. Потоа го вративме дома’, сведочи Димитриевски.
Сведокот тврди дека цело време бил заедно со Чавков. Тој вели дека додека биле во „Технометал Вардар“ околу 19 часот Чавков телефонски почнал да издава наредби на началниците од МВР во врска со настаните од Собранието.
„До 19 часот немаше галама и немаше никој. Во 19 почнав да слушам како директорот разговара на телефон. Слободно можам да кажам дека даваше команди. Разговараше со началниците. Кога зборуваше со еден од нив слушнав како зборува на повисок тон, даваше команди. Зборуваше и со Митко Пешов. Со нив зборуваше сè додека да отидеме во МВР“, вели Димитриевски.
Откако пристигнале во оперативниот штаб во МВР, Димитриевски вели дека почнал да дава команди на началниците кои биле таму.
„Не бев цело време присутен во просторијата, но слушав однадвор. Можам да констатирам дека Чавков даваше речиси 99 отсто од командите, кои потоа беа пренесувани преку радиоврска. Тоа траеше до 23 часот, а потоа се упативме во штабот на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Димитриевски.
Димитриевски рече дека не знае на кој катво штабот на партијата се одвивала средбата со Тодоров.
Обвинетиот Александар Василевски – Нинџа по исказот на Димитриевски го праша сведокот дали од 19 часот до 20:30 Чавков бил во ВМРО-ДПМНЕ и дали за да се стигне до паркингот на „Технометал Вардар“ треба да се помине низ подземната гаража на ВМРО-ДПМНЕ. Димитриевски и на двете прашања одговори негативно.
За време на сведочењето, Димитриевски во ниту еден момент не кажа конкретно што наредувал Чавков, туку само дека разговорите биле поврзани со настаните во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

