Македонија
Облачно и магловито утро, попладне разведрување

Времето во земјата ќе биде сончево со мала до умерена облачност, претпладне во одделни котлини со појава на магла и значителна ниска облачност.
Утринската температура ќе се движи од -3 до 2, а дневната од 12 до 17 степени. Во Скопје претпладне со појава на магла и ниска облачност, преку денот со умерена облачност.
Утринската температура ќе се спушти до 1, а дневната ќе достигне до 14 степени.
Во следните денови ќе преовладува стабилно време со променлива облачност преку денот, а претпладне во одделни котлини ќе има појава на магла. Утринските температури до недела на повеќе места ќе бидат околу нулата.
В понеделник претежно во западните делови ќе има повремени врнежи од дожд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски во Будимпешта: Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не може да бидат предмет на преговори

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше и се обрати на меѓународната конференција Budapest Global Dialogue 2025, која се одржува во главниот град на Унгарија, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања и Фондацијата за следење на истражувањата.
Во своето воведно обраќање на конференцијата, министерот Муцунски ја нагласи потребата од проактивна и кохезивна европска политика во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст. Притоа, истакна дека посилна и покоординирана Европска унија, во партнерство со стабилна трансатлантска врска, претставува суштински предуслов за справување со надворешните предизвици и зачувување на безбедноста и просперитетот на европскиот континент.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен на политиката на проширување, која министерот Муцунски ја оцени како стратешки важна за релевантноста и иднината на Европската унија. Тој подвлече дека нашата држава и земјите од Западен Балкан се составен дел од европската безбедносна и економска архитектура, како и од напорите за зголемување на конкурентноста и иновативноста на Унијата.
„Европската интеграција на регионот не треба да се гледа исклучиво како геополитички избор, туку како заедничка стратешка потреба и одговорност,“ истакна министерот Муцунски.
Во своето излагање тој подвлече дека македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, но нагласи дека постојат линии што нема да бидат преминати — затоа што тие ја определуваат суштината на нашиот национален идентитет.
„Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не може да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме — без услови, без извинување, без бришење,“ рече Муцунски.
Тој додаде дека ова не е став на инает, туку на самопочит, потенцирајќи дека иднината во Европа мора да се гради врз взаемно признавање и доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи.
Македонија
Мицкоски: Две милијарди денари за инвестиции во образованието

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со ветувањето за подобрување на инфраструктурата во образованието и активностите што се преземаат на тој план, изјави:
„Што се однесува до Министерството за образование, тука имаме инвестиции од околу 2 милијарди денари, седум комплетно нови училишта и 20 кои се реновираат, четири нови спортски сали, два студентски дома.
Дел од билатералниот стратешки договор со Обединетото Кралство, изградба на нов медицински факултет во рамките на новиот клинички центар во Штип и студентски дом со 200 легла. И очекувам оваа година да продолжи изградбата на зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, но и почетокот на изградбата на комплексот на Универзитетот ‘Мајка Тереза’“, изјави премиерот.
Македонија
Ѓорѓиевски: „Покрсти“ ќе биде новата омилена туристичка дестинација на Скопје

Општина Кисела Вода интензивно работи на изградбата на новото рекреативно и туристичко место – „Покрсти“, кое наскоро се очекува да прерасне во омилена дестинација за љубителите на природата и рекреацијата од цело Скопје, велат од Општината.
„Сместена во зелена околина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, локацијата „Покрсти“ го добива свој нов лик. Веќе е изградена асфалтирана рекреативна патека, а во тек се активностите за уредување на плоштад, велосипедски патеки и поставување на урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и други содржини кои ќе овозможат пријатен престој за сите посетители.
Локацијата има и традиционално значење, бидејќи токму по патеката „Покрсти“ секоја година се движат стотици верници на вториот ден по Велигден. Со реконструкцијата, патеката која се протега во должина од над 8 километри ќе стане уреден простор за пешачење и велосипедизам, со што ќе се подигне и нејзината функционалност преку целата година. Овој проект е дел од пошироката стратегија на општина Кисела Вода за развој на спортско-рекреативни капацитети, заштита на животната средина и поттикнување на домашниот туризам“, информира Општината.
„Големите дела се остваруваат со упорност, посветеност и многу љубов. Покрсти е место со духовно значење, со природна убавина и огромен потенцијал. Сакаме да го вратиме сјајот на оваа локација и да го направиме достапно и пријатно за сите – за спортисти, семејства, туристи, рекреативци. Верувам дека Покрсти ќе стане вистинска атракција за нашата општина и за целиот град“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.