Македонија
Обновена бистата на првоборецот Дане Крапчев
Градот Скопје ја обнови бистата на спомен-обележјето на првоборецот Дане Крапчев, која се наоѓа на булеварот Илинден наспроти градските бараки и го уреди просторот околу него.
„Во пресрет на утрешниот ден – Денот на ослободувањето на Скопје, уште еден убав повод нè собра тука заедно со членовите на Сојузот на борците од НОБ. Исправивме уште една неправда кон луѓето на кои им ја должиме слободата. Ја обновивме бистата на Дане Крапчев и го уредивме околниот простор за да можеме достојно да го чествуваме неговото дело. Дане Крапчев како политички комесар во Првиот скопски партизански одред игра значајна улога во обезбедувањето на слободата на нашето Скопје. Бистата на неговиот споменик, за жал, беше жртва на вандалски чин заедно со бистите на повеќе учесници во НОБ во Скопје, кои беа украдени или сквернавени во текот на изминативе години. Град Скопје има обврска да ги обновува овие бисти и да се грижи за уредувањето на просторот околу нив. Тоа е најмалку што можеме да сториме за овие луѓе што ги носат најголемите заслуги за тоа што ние денес живееме слободно во сопствена држава“, рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој упати апел до граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на вандализирање на овие споменици, а апелира и до органите на прогонот со особено внимание да се погрижат за пронаоѓање и казнување на вандалите на кои им пречат овие спомен-обележја.
„Спомениците на учесниците во НОБ, кои се поставени во нашето Скопје, заслужуваат посебно внимание и затоа Град Скопје ќе продолжи да се грижи тие редовно да се одржуваат заедно со просторот околу нив. За мене лично, а верувам и за најголемиот дел од граѓаните на Скопје, овие спомен-обележја имаат многу поголемо значење од спомениците што ги поставија и одржуваа нашите претходници заборавајќи на значењето на периодот на НОБ и ослободувањето на Скопје од фашистичкиот окупатор. Мораме да продолжиме да се грижиме за споменот на луѓето што ги положија своите животи за нашата слобода. Тоа е обврска на секој од нас. Покажувајќи почит и внимание за нивниот лик и дело, покажуваме колку го сакаме сопствениот град, колку се грижиме за сопствената држава и колку се почитуваме едни со други и самите себе. Само така ќе нè биде и само така ќе успееме“, нагласи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

