Македонија
Одржани политички консултации меѓу Македонија и Бразил
Во Бразилија вчера беа одржани политички консултации помеѓу Република Македонија и Федеративната Република Бразил. Делегациите на двете земји ги предводеа државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Виктор Димовски, и генералниот потсекретар при бразилското МНР, амбасадорот Алесандро Кардеас. Политичките консултации коиндицидираат со одбележувањето на дваесетте години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Бразил.
Димовски и Кардеас го истакнаа задоволството од позитивниот тренд на развојот на билатералните односи меѓу двете пријателски држави, при што беше нагласен заемниот интерес за продолжување и продлабочување на политичкиот дијалог и соработка, со посебен акцент на унапредувањето на економската и парламентарната соработка, како и соработката во областа на културата, образованието, туризмот и другите области од заемен интерес. Особено внимание беше посветено на продолжувањето на соработката на двете земји во рамките на мултилатералните организации.
Воедно, беа разменети мислења и за актуелни теми од меѓународните односи, внатрешно-политичките и економски состојби во двете земји, како и за регионалните прашања во Југоисточна Европа и во Јужна Америка.
Согласувајќи се дека одржувањето на политичките консултации помеѓу двете земји треба да стане редовна пракса, Димовски и Кардеас изразија надеж дека набргу ќе биде реализирана најавата за отворање на Амбасадата на Бразил во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Валбон Лимани претстави 3 проекти: 345 нови паркинг-места и трансформација на центарот и градскиот парк во Гостивар
Кандидатот за градоначалник на Гостивар од Националната алијанса за интеграција, Валбон Лимани, претстави три проекти: 345 нови паркинг-места и трансформација на центарот и градскиот парк во Гостивар.
„Денес презентираме конкретни проекти кои имаат за цел да го трансформираат Гостивар во функционален, зелен и отворен град за сите, каде модерната инфраструктура коегзистира со рекреативни и културни простори. Подземниот паркинг во близина на Општината е еден од клучните проекти што има за цел решавање на овие проблеми. Во центарот на градот планираме изградба на модерен подземен паркинг со 126 паркинг-места, опремен со современа безбедносна технологија и брз пристап до јавните институции, трговските и културните објекти. Оваа инвестиција ќе ги ослободи јавните простори од хаосот на автомобилите, ќе ја намали загаденоста и бучавата и ќе го направи центарот на градот почист и поорганизиран“, рече Лимани.
Тој кажа дека трансформацијата на центарот на градот е следниот чекор кон модерен Гостивар.
„Центарот ќе премине од преоптоварен простор во место на гордост за секој граѓанин. Проектот предвидува изградба на подземен премин за возила и пешаци, како и подземен паркинг со 219 паркинг-места во срцето на градот. Површината над земја ќе се трансформира во модерна јавна платформа, со зелени површини, детски игралишта, рекреативни зони и културни простори за концерти, изложби и различни настани“, рече Лимани.
Друг значаен проект, додаде Лимани, е Рекреативниот езерец и Павилјонот во Градскиот парк на Гостивар.
Според него, овој проект додава нов природен и релаксирачки елемент, со интервенција на само околу 10% од површината на паркот, во зоната помеѓу Градскиот стадион, реката Вардар и постојните патеки.
„Главните елементи вклучуваат: -рекреативен езерец од 2.200 м², со длабочина до 1,5 метри; -дрвен мост од 245 м²; -простор со чакал од 900 м². Овој езерец придонесува за зачувување на биодиверзитетот преку создавање природно живеалиште, додека павилјонот и дрвениот мост нудат простори за одмор, прошетки и социјална интеракција. Областа околу стадионот ќе се оживее и ќе се претвори во урбана референтна точка со висок рекреативен и туристички потенцијал за Гостивар“, рече Лимани.
Македонија
Ѓорѓиевски подготвуваше оброци за народните кујни на Скопската епархија, ги повика сите кои можат да се приклучат
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, се приклучи во подготовката на оброци за народните кујни на Скопската Епархија, во рамки на хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево.
„Заедно со отец Оливер од хуманитарната организација „Св. Спас“ од Драчево, подготвивме повеќе од 200 оброци кои ќе бидат распределени во пунктовите на народните кујни на Скопската Епархија. Мал гест, но со силна порака дека човечноста живее и дека добрината не згаснува. Свесни сме дека не можеме да помогнеме насекаде и на сите. Но можеме да дадеме сè од себе за оние на кои им е најпотребно, за нашите сограѓани да знаат дека не се сами. И токму тоа го правиме со срце, со искреност и со вера. Со отец Оливер, човек кого е благослов да го имаш покрај себе и кој секојдневно сведочи дела достојни за длабока почит, сме заедно уште од самото формирање на организацијата. Зад нас стојат бројни хумани дела, а пред нас уште многу можности да правиме добро. Така ќе продолжиме и понатаму. Затоа што само преку добри дела, без разлика на политичка, верска, етничка или каква било припадност, можеме да создадеме насмевки и да внесеме светлина таму каде што таа недостига. Ги повикувам сите кои можат, кои имаат и кои во срцето носат желба да помогнат, да се приклучат на оваа благородна мисија“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.
Македонија
Забрана за сообраќај за автобуси на патниот правец Тетово – Попова Шапка
Поради обилни врнежи од снег на патниот правец Тетово – Попова Шапка од 09:25 часот се воведува забрана за сообраќај за автобуси, извести АМСМ.
За леки коли е задолжителна зимска опрема (синџири), додаваат од АМСМ.

