Македонија
Од Македонија заминаа уште 35 авганистански граѓани

Хуманитарната акција за спасување авганистански граѓани кои се под закана од талибанскиот режим се одвива со утврдениот план и во 2022 година. По привремениот престој во Македонија, група цивили отпатува за Канада како нивно трајно одредиште.
35-темина авганистански граѓани се вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација „Отворено владино партнерство“.
„Службите на Владата, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за здравство и Црвениот крст, како и досега, продолжуваат да им даваат целосна поддршка на авганистанските граѓани што престојуваат во Скопје. Поддршката од страна на сите институции продолжува да се одвива со утврдената динамика, и тоа сѐ до комплетирање на документацијата за траен престој во странска држава, која ќе е нивно крајно одредиште“, соопшти владината прес-служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Директорот на БЈБ Јанев на показна вежба во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“

Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на показната вежба во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ на полициските службеници за прием во ЕБР кои успешно ја завршија шестмесечната обука.
На вежбата беа презентирани тактики и техники од доменот на јавниот ред и мир и полициски операции во урбана средина, воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, како и напад на возило и апсење на вооружени и опасни лица.
„Колегите прикажаа и докажаа умешност, вештини и подготвеност кои гарантираат дека ЕБР е и ќе биде една од алките кои го сочинуваат безбедносниот систем подготвен деноноќно да служи на граѓаните и нивната безбедност. Благодарност до командантот и останатите раководители во Единицата, до инструкторите и менторите, како и до раководството на Одделот за специјални полициски операции“, истакна директорот Јанев.
Преку вежбата беа презентирани и акции на приод и влез во објект во кој се наоѓа криминална терористичка група, неутрализирање на истите, како и апсење на дел од групата, со користење на оклопни возила, беспилотно летало „дрон”, како и останати средства и опрема со кои располага Единицата.
Македонија
Пониква станува рехабилитациски центар за повредените од пожарот во Кочани

Повредените од пожарот во Кочани ќе бидат испратени на рехабилитација во Пониква. На денешната седница на Владата и официјално се усвои информација за потреба од обезбедување на рехабилитација во Пониква, за потребите на пациентите.
„Со оглед на природата на повредите, особено кај пациенти кои претрпеле сериозни изгореници, неопходна е долгорочна и специјализирана нега, физиотерапија, психолошка поддршка и континуиран медицински надзор. Туристичкиот центар во Пониква, со своите природни и технички услови, е соодветна локација за спроведување на овој тип рехабилитација“, соопшти Владата.
Потребите кои ќе бидат обезбедени се однесуваат на сместување и терапевтски капацитет за повредените пациенти, ангажман на медицински и физиотерапевтски тим со специјална обука во третман на изгореници, обезбедување психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства како и континуирана комуникација со болниците и специјалистите кои ги третираат пациентите во акутната фаза.
Според Владата, оваа иницијатива ќе придонесе не само за физичко заздравување, туку и за психосоцијална стабилизација на повредените лица, со што ќе се забрза нивниот повраток во секојдневниот живот.
Планот, распоредот, начинот на спроведување на продолжената медицинска рехабилитација, како и обезбедувањето на соодветни медицински тимови, ќе биде изготвен од страна на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Кочани, во соработка со: Министерството за здравство, Јавните здравствени установи вклучени во третманот и рехабилитацијата на повредените пациенти, како и во согласност со потребите и состојбата на самите пациенти и нивните семејства.
„Во таа насока, Владата ја усвои Информацијата за потреба од обезбедување на рехабилитација во Пониква и го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги стави на располагање сместувачките капацитети во одморалиштето во Пониква за период од 10 јуни до 20 август. Владата го задолжи Министерството за здравство во соработка со ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани и Работната група формирана од Владата во соработка со пациентите да го донесе оперативниот план за рехабилитација. Исто така, трошоците за сместување и оброк на пациентите, како и оброк за медицинскиот кадар се на товар на Министерството за внатрешни работи“, соопштија од Владата.
Македонија
Забрана за возила од денеска на спојот на улиците „Димитар Илиевски Мурато“ и „Широк Сокак“

Од вечерва почнува забраната на моторниот сообраќај од 19:00 до 00:00 часот на спојот на улицата „Димитар Илиевски Мурато“ и улица „Широк Сокак“ во Битола.
„Поради отпочнување на спроведување на одлуката за означување на условите и утврдување на режимот на сообраќај во централното градско подрачје, Ве известуваме дека во периодот 10.06.2025 (вторник) до 10.09.2025 во терминот од 19:00 до 00:00 часот, се забранува моторниот сообраќај со поставување на физички препреки на спојот на улицата „Димитар Илиевски Мурато“ и улица „Широк Сокак“, со што се овозможува безбеден пешачки сообраќај“, соопшти Општина Битола.