Македонија
Од Охрид почна промоцијата на порталот на кој ќе има 200 електронски услуги за граѓаните
Министерството за дигитална трансформација денеска од Охрид ја почна кампањата за промоција на Националниот портал uslugi.gov.mk, преку кој граѓаните можат да добијат повеќе од 200 електронски услуги.
Стартот на кампањата го означи ресорниот министер Стефан Андоновски, кој најави дека промоцијата на порталот ќе продолжи во сите градови низ државата, на плоштадите во парковите, но и на универзитети, училишта, работни места…
– Очекувам интересот значително да порасне. Секоја услуга која граѓаните можат да ја искористат на порталот е скратено време, скратени трошоци и скратено чекање во редови, како и зголемена ефикасност на институциите. Се надевам ова ќе наиде на добар одѕив кај граѓаните, рече Андоновски.
Тој посочи дека Националниот портал uslugi.gov.mk, нуди повеќе од 200 електронски услуги за граѓаните и вкупно 300 електронски услуги заедно со други портали.
Прашан за најновиот ревизорски извештај, кој покажува недостиг на ИТ програмери во институциите, министерот Андоновски подвлече дека ревизорските извештаи се патоказот кој им кажува каде треба да се движат.
– Недоволната популаризација на порталот и неорганизирањето промотивни кампањи беше една од забелешките минатата година и затоа со добра организација успеавме да го реализираме тоа годинава. Остануваат недостатоци во однос на кадарот, предизвици со бројот на вработени, но со бројка од 15-тина нови вработени во Министерството, мислам дека уште повеќе ја зголемивме динамиката на дигитализција на услуги. Наредниот период ќе промовираме и нови. Со овој пакет на активности, следејќи ги новите трендови ќе имаме успешна реализација и дигитализацијата ќе фати по драматичен чекор, изјави Андоновски.
Појасни дека според систематизацијата, во Министерството за дигитална трансформација предвидени се околу 250 вработувања, а во моментот бројката достигнува до 180.
– Во моментот бројката на вработени се движи окоу 170, со времени вработувања доаѓа до 180. Исполнувањето на таа квота од 250 би значело целосна активност и полна динамика на Министерството, но и со овие ресурси постигнуваме значителни резултати, споредено со тоа што се случуваше во минатото. При моето доаѓање во Министерството имавме околу 120.000 корисници на порталот, денеска имаме околу 190.000. Тоа е сериозна бројка. Ако до 2024 година сме имале 1.000 трансакции месечно, сега имаме 9.100 последниот месец, додаде Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Касами: Собранието го разреши раководството на партијата, важен чекор кон спојување на ВЛЕН во еден субјект
Централното собрание на Движењето Беса со мнозинство гласови ја одобри одлуката за распуштање на Централното претседателство на Движењето Беса, во продолжение на процесот започнат за спојување на ВЛЕН во еден субјект, објави на социјалните мрежи лидерот на движењето Беса, Билал Касами.
„Собранието на Движењето оцени дека треба да се отвори патот за структурирање на ВЛЕН и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат ВЛЕН.
Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на ВЛЕН, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на ВЛЕН и сите Албанци“, соопшти Касами.
На состанокот на Собранието, како што вели, била дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата.
„Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега.
Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата.
Движењето Беса верува дека позициите во Владата се средство за наша најдобра и најефикасна служба на сите граѓани, а особено на Албанците, и сите идни одлуки ќе бидат засновани на овој принцип“, додава Касами.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.

