Македонија
Од понеделник АД „Водостопанство“ на протест пред Владата ако не им се исплати јулската плата
Вработени на АД „Водостопанство“ претпладнево излегоа пред дирекцијата во Скопје, како и пред 14-те подружници на претпријатието во земјата, за да изразат револт бидејќи сѐ уште не зеле плата за јули и најавија протест.
Игор Китаноски, претседател на Агросиндикатот при Сојузот на синдикатите на Македонија, вели дека доколку денеска не се исплатат платите, од утре работниците во АД „Водостопанство“ ќе немаат ни здравствено осигурување.
„Денеска сме тука да изразиме револт и незадоволство за неисплатената плата за јули иако денеска е веќе 31 август и веќе од утре почнува да тече рокот за плата за август. Доколку денеска не се исплати, од утре работниците во АД ‘Водостопанство’ ќе немаат ни здравствено осигурување. Во текот на изминатата седмица, кога од директорот на АД ‘Водостопанство’ претставниците на Синдикатот беа информирани дека ќе нема средства за исплата на јулската плата и ќе нема исплата во неколку наредни месеци, натаму ние писмено се обративме до Владата на РМ, каде што побаравме средба и да најдеме заедничко решение за исплата на платите. Од Владата исто добивме писмено соопштение дека нашето барање било разгледано и дека нашиот случај е препратен на постапување до кабинетот на претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи. Во истиот допис нема ни конкретно решение како би се решил проблемот, нема ни конкретен датум кога би имало плати, а ни кога би имало средба со Владата“, истакна Китаноски.
Китаноски дополни дека во овој момент во 14 други подружници се организираат протести и доколку во најбрз можен рок не се добие конкретен одговор од понеделник, вработените ќе одат на протест пред Владата и сѐ додека не добијат конкретен одговор, нема да се повлечат оттаму.
Коста Малзарков, претседателот на подружницата на АД „Водостопанство“ во државна сопственост, дополни дека плата вработените немаат земено за јули, а од утре и за август.
„Во период кога сите цени драматично растат, кога луѓето не може ни основни продукти да купат, кога утре почнува школската година, нашите вработени не може на своите деца да им купат ни прибор. Бараме Владата како единствен сопственик на акционерското друштво ‘Водостопанство; да го реши проблемот, да изнајде средства“, рече тој.
Како што посочи, тие се во моментот околу 500 вработени, а проблем со платите имале и минатата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

