Македонија
Од септември повторно ќе можат да се закажуваат прегледи и интервенции преку „Мој термин“

Министерството за здравство информира дека согласно епидемиолошката состојба со вирусот Ковид-19 во државата, веќе може да се закажуваат прегледи и интервенции во електронскиот систем „Мој термин“. Сите јавни здравствени установи веќе ги креираат термините за прегледи и интервенции во септември.
Согласно изготвениот план за работа, а во соработка со Управата за електронско здравство, ќе бидат повикувани пациентите чии прегледи беа откажани изминатиот период. Исто така, сите елективни хируршки програми, кои беа претходно одложени поради состојбата со пандемијата, ќе бидат реализирани согласно изготвените планови и протоколи на стручните колегиуми.
Закажаните прегледи ќе се спроведуваат согласно претходно подготвениот план и протокол за работа на установата, со задолжително користење лична заштитна опрема од вработениот персонал на сите нивоа на здравствена заштита, почитување на физичка дистанца и негрупирање. Воедно ќе се врши и задолжителна редовна контрола над примената на превентивните мерки и донесените протоколи за работа од назначеното одговорно лице за контрола на Ковид-19 и комисијата за заштита од интрахоспитални инфекции, со цел да се спречи можната трансмисија на инфекцијата со вирусот.
Во здравствената установа ќе биде дозволен влез на лица со специјалистички и супспецијалистички упат 15 минути пред закажаниот термин за преглед, при што ќе биде дозволен влез само на уште еден придружник. Задолжително е носењето заштитна маска на пациентот и придружникот при влез во здравствената установа на закажан преглед или прием на болничко лекување.
Сите јавни здравствени установи се задолжени да постават дезинфициенси за раце при влезот во установата и тие да бидат поставени на видно место јасни насоки за пациентите, а одговорно лице од установата е задолжено да спроведува термален скрининг, епидемиолошка проценка и контрола на носењето лична заштитна маска на пациентите, како и одржување физичка дистанца во чекалните на амбулантите за преглед.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.
Македонија
Муцунски на состанок на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес

Денеска и утре во Белфаст ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес, на кој ќе учествува министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Министрите ќе дискутираат за прашања поврзани со европската безбедност, помирувањето, регионалната и европската интеграција, како и за справувањето со нелегалната миграција, во контекст на процесот на проширување на Европската унија.
На состанокот ќе учествуваат министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан и земјите–членки на Европската унија вклучени во Берлинскиот процес.
На маргините од настанот, Муцунски ќе оствари и повеќе билатерални средби.