Македонија
Од Скопје до Охрид ќе се патува час и половина по новиот автопат од Тетово до Гостивар, ама за две години
За две години ќе биде готов новиот автопат од Тетово до Гостивар, рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски на денешниот старт на градежните работи на оваа делница.
Со пригодна церемонија и присутво на владиниот врв, се означи почетокот на работите на автопатoт Тетово-Гостивар, кој е дел од Коридорот 8. Според најавите оваа автопатската делница долга 17,5 километри ќе чини околу 90 милиони евра, а се предвидува да биде готова за две ипол години. Прoeктот предвидува шест сообраќајни ленти, три во секој правец, односно две возни ленти и една за застанување. Проектот за изградба опфаќа и девет натпатници од кои – 8 натпатници за поврзување на локалните патишта, еден натпатник за новата клучка во Општина Боговиње и Општина Врапчиште и реконструкција на клучката за излез од Тетово.

Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето напомена дека со почетокот на работите се испраќа најсилниот одговор на сите скептици и, како што потенцира дека не ветувале празно. Тој ја истакна важноста на овој проект за поврзување со другите држави.
– Како земја којашто за жал не излегува на море, секогаш кога разговаравме во рамките на Владата ни беше предизвик да изнајдеме која е нашата стратешка предност во однос на сите оние земји во регионот и пошироко во Европа, и тогаш многу едноставно дојдовме сите заедно до еден заклучок, а тоа е дека како држава сме единствените можеби коишто имаат потенцијал да бидат дел од пан-европски коридори. Првиот е овој од кој денес се обраќаме, а тоа е Коридорот 8, вториот е Коридорот 10. Коридорот 8 којшто ги поврзува Јонското и Јадранското море со Црното море, Коридорот 10 којшто го поврзува во овој дел од Европа, средоземјието со Централна Европа, но и Коридор 11 којшто поминува во нашето источно соседство, рече премиерот Мицкоски.
Тој напомена дека со една отсечка којашто ќе ги поврзува Коридорот 10 и Коридорот 11, Македонија станува земја којашто ќе биде директно поврзана со сите пристаништа во овој дел на Европа и ќе биде значајна алка на јужното крило на НАТО.

Випцепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на настанот во своето обраќање напомена дека оваа делница има голема важност за жителите во полошката котлина и побезбедно движење во сообраќајот.
– Со почетокот на овој автопат, го претвораме Полошкиот регион во раскрсница на можности и инвестиции, работни места, го скратуваме патот меѓу Скопје, Охрид и Струга, и ја приближуваме границата кај Ќафасан кон секој наш дом и секоја бизнис идеја што чека пазар. Создаваме можности да си ги вратиме децата дома. Ќе не мерите по завршени километри, не по потрошени зборови, рече вицепремиерот Меџити.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во обраќањето напомена дека со формирањето на Владата за една година значјано е зголемен бројот на спроведени експропријции на парцели на трите делници. Планот, како што посочи Николоски е до ова лето активно да се работи на изградба на автопати во рамки на коридорите 8 и 10д од 65 до 68 километри.
– Во април 2025 година имаме 2.497 парцели експроприрани, прогресот е помножен некаде пет пати. Тоа значи дека отвораме фронт за работа на делницата Тетово-Гостивар од 17,5 километри, на Гостивар – Букојчани 14,7 километри и Прилеп – Битола 29 километри, рече Николоски.

Џош Бејкер преставникот на „Бехтел и Енка“ во обраќањето ги изложи предвидените зафати.
– Овој регионален пат ќе се заврши прв за да се овозможат преусмерувања на сообраќајот и за да се сведе нарушувањето на текот на сообраќајот на минимум додека се гради автопатот. Имаме употреблив пристап за градежни работи на локациите на повеќе од 20 километри од трасата. Работиме заедно со ЈПДП и со властите за да го прошириме ова уште повеќе и да имаме пристап до повеќе од 50 километри до крајот на месец јуни, рече Бејкер.
Тој напомена дека градежните работи сега се во тек по должина на 3 од 4 делници, а планирањето напредува за сите 4 делници. До денес завршени се 1,9 милиони кубни метри ископување и 22.000 кубни метри бетон.
На настанот се обратија и амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
Како што кажа Трајановски, компанијата „Бехтел и Енка“ почнува со работа на делницата 1 од автопатот Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, која чини 90 милиони евра. Во двата правци ќе има по две коловозни ленти и по една лента за застанување.
„Договорот за оваа делница е потпишан во март 2023, а во јули 2024 наследивме само две информативни табли и ништо повеќе. Но, сега го гледате напредокот, се работи на трите делници, односно на Прилип-Битола, Гостивар-Букајчани и сега на Тетово-Гостивар. Во 2027 очекуваме да биде готова оваа делница. Знаеме дека жителите на овој регион ќе се соочат со проблеми поради градежните работи. Но, две години брзо ќе поминат и потоа ќе можат сите граѓани да патуваат многу поудобро и побрзо. Со реализацијата на целиот коридор Тетово-Гостивар-Кичево-Охрид, од Скопје до Охрид ќе се патува час и половина“, рече Трајановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

