Македонија
Од Скопје до Софија ќе се стигнува за два и пол часа, до Нова година готов експресниот пат Ранковце – Крива Паланка
Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, место наесен, како што најави претходната влада, ќе биде готов до Нова година. Денес, увид во градежните работи направија новиот директор на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, и министерот за транспорт, Александар Николоски.
„Овој пат е во должина од 25 километри, поделен на два лота. Едниот лот е од Страцин до Длабочица во должина од 15 километри, а вториот е од Длабочица до Крива Паланка во должина од 10 километри. Вредноста на целокупната инвестиција е 93,7 милиона евра, со тоа што првиот лот чини 43 милиони евра, а вториот речиси 50 милиони евра. Работите се почнати во 2018 година. Очекуваме дека до Нова година ќе бидат завршени двата лота“, рече директорот Трајановски и најави дека ќе продолжат да работат на комплетирање на Коридорот 8, чиј дел е и експресниот пат.
Министерот Николоски очекува со пуштањето во употреба на овој пат да се забрза економијата, граѓаните да може да остваруваат поголеми приходи и да останат да живеат во местата од кои потекнуваат.
„Можам со задоволство да кажам дека овој експресен пат, кој, наједноставно кажано, треба со модерно патно решение да ги поврзе Куманово и Крива Паланка, а со тоа Крива Паланка да ја поврзе и со Скопје, главниот град. Тука е и општината Ранковце, која треба да биде поврзана и со Крива Паланка и со Куманово, но и со Скопје, да може бргу да се стига од главниот град и до Ранковце и до Крива Паланка, да може да се развие бизнисот, луѓето да имаат приход повеќе и да остануваат да живеат во местата од кои потекнуваат“, рече министерот Николоски.
Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка ќе го скрати и времето за патување до Софија.
„Овој пат ќе помогне да се забрза комуникацијата со Софија, да се скрати времето на патување за да се отвори нашиот главен град и кон и Софија и патувањето да дојде на некои пристојни два и пол часа, што мислам дека е едно сосема пристојно време за патување од Софија до Скопје и на тој начин да го отвориме Коридорот 8“, рече министерот Николоски.
Изминативе четири недели министерот ги искористил за анализа на актуелните проекти, а во овој проект неговиот тим утврдил проблеми со експропријацијата, со изведбата, доцнење поради неработење и давање лажни ветувања за завршувањето на изградбата.
За изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка претходната влада обезбеди грант од 14 милиони евра, а остатокот до 92 милиона евра се финансира со кредит од Светската банка.
Жители на Страцин и околните села минатата година го блокираа патот оти експресната сообраќајница им го пресече локалниот пат и ги принуди со трактори да го преминуваат патот кој води кон Бугарија, за да стигнат до обработливите површини по што Јавното претпријатие за државни патишта мораше да бара ново решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавните расправи продолжуваат
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

