Македонија
Од три години до условна казна за филмското бегство од „Идризово“, полицајците и командирот признаа дека помогнале
Командирот Срѓан Димитријевски и тројцата полицајци од „Идризово“ признаа дека учествувале во релизација на филмското бегство на Беким Мемети, осуден на повеќе од 20 години затвор. По речиси осум месеци, донесена е пресудата, според која највисоката казна е три години, а најниската е условна осуда. На првото рочиште овие вработени во „Идризово“ признале дека го сториле делото противзаконито ослободување лице лишено од слобода, а еден од нив делото несовено работење во службата. Тие презеле противзаконски дејства, а не презеле дејства што биле должни да ги преземат при спроводот.
Командирот Димитријевски е осуден на три години затвор. Затворскиот полицаец Трајче Ацковски доби 2 години и три месеци. Неговиот колега со иницијали Т. А., кој исто така учествувал во реализација на планот за бегство на осудениот Мемети, доби казна затвор од 1 година и шест месеци. Последниот е вработениот во „Идризово“, Т. П., кој е условно осуден и казната нема да се реализира доколку во следните 3 години не стори ново кривично дело. Казните им се неправосилни, а Обвинителството и одбраната може да се жалат и во Апелација.
Филмското бегство се одвиваше во јануари. Бегалецот Беким Мемети сам си ја расекол раката, осуденик ангажиран во затворската амбуланта препорачал да го носат во болница, командирот Срѓан Димитриjевски му наредил на заменикот да изготви документ, па полицаецот му кажал и во кој дел на комбето да го смести. Вака приближно изгледале миговите пред затвореникот осуден за обид за убиство и дрога да им избега на четворицата полицајци, од кои еден повредил. Биле направени низа пропусти, кои укажуваат дека организираното бегство било помогнато од командирот и од некои од полицајците, кои сега се во притвор, а потврдено со пресудата во Кривичен по признавањето вина.
Кога избеганиот Мемети се пожалил дека има расеченица на раката, го однеле во домската амбуланта. Таму немало домски доктор, туку осудено лице, кое било ангажирано за да преврзува затвореници. Му направил преврска на Мемети, па наместо да повикаат брза помош, препорачал сега избеганиот затвореник да биде однесен во болница. Командирот Димитријевски се сложил по што била изготвена наредба. Со препораката од домската амбуланта да се однесе затвореникот во болница, а не да се повика брза помош, се направил првиот пропуст.
Командирот Димитријевски наредил да се изготви наредба за спровод и одредил кои точно полицајци да го спроведат. По ова, следувало сместувањето во полициското возило. Возилата со кои се превезуваат затвореници се поделени на три дела и сите се одделени едни од други. Првиот дел е делот на возачот, потоа дел во кој седат затворските полицајци, па просторот во кој се сместуваат затворениците. Според правилата и процедурите, сите затвореници се внесуваат на задната врата на возилото. Во овој случај затвореникот не бил сместен таму, туку во средниот дел, каде што седат службениците. И овде е направен вториот пропуст.
Рутата по која ќе се движи возилото за спровод ја одредил еден од полицајците во комбето. Му кажал на возачот, во кој беше пукано, да вози на автопат. Во моментот кога се доближиле до бензинската пумпа на автопатот, полицаецот што ја одредил рутата почнал да се преместува, при што се случил и клучниот момент на одземање на пиштолот. Бегалецот Беким Мемети, со повредена и преврзана рака, со лисици на рацете, ја отворил футролата, го зел пиштолот и го репетирал, па пукал. Додека Мемети го правел тоа, полицаецот до него не постапил според правилата.
Повредениот полицаец го запрел комбето, а затвореникот, со повредена рака, лисици и со пиштол ја отворил вратата и се качил во „аудито“, кое го чекало пред полициското возило.
Беким Мемети е лице од висок безбедносен ризик бидејќи е осуден на повеќе од 20 години затвор, притоа за тешки кривични дела, како обид за убиство и дрога. И покрај ова, тој не бил превезуван со асистенција, како што налагаат протоколите.
„Макфакс“ веќе објави дека командирот, кој сега е во притвор, е лице осудено за примање мито како полициски службеник од МВР. Од таму добил отказ, па стана командир во затворот. Тој беше дежурен командир и за време на новогодишната вечер кога млад затвореник беше брутално претепан.
Поранешниот директор за санкции, Марјан Спасовски, во интервју рече дека бил запознаен со сите овие факти, но не гледаше зошто би го тргнал од функцијата командир. Тој додаде и дека е во личен контакт со командирот Димитриjевски, но не сакаше да ги покаже пораките во својот телефон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

