Македонија
Од утре внимавајте, Безбеден град почнува официјално да казнува со суми од 20 до 500 евра и одземање на возачката дозвола
Од утре официјално започнува примената на системот Безбеден град, со што автоматското снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци влегува во полна функција. Станува збор за интегриран техничко-информациски систем кој преку камери и софтверски алатки ќе ги регистрира прекршоците во сообраќајот, без потреба од директно присуство на полициски службеници на терен.
Во првата фаза, Безбеден град ќе санкционира четири видови прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување возило со истечена регистрација и непрописно запирање или паркирање. Камерите поставени на клучни сообраќајници и раскрсници автоматски ќе го регистрираат прекршокот, ќе ја идентификуваат регистарската табличка и ќе ја процесираат снимката преку централен систем за верификација.
Откако прекршокот ќе биде утврден, сопственикот на возилото ќе добие известување со фотографски доказ, време и локација на настанот, како и соодветна прекршочна санкција. Постапката е целосно дигитализирана, а човечкиот фактор е сведен на минимум, со цел да се избегнат селективност, субјективност и можни злоупотреби.
Казните за пречекорување на дозволената брзина се определуваат според надминувањето на лимитот:
-
до 20 km/h над дозволеното – 20 евра во денарска противвредност
-
од 20 до 30 km/h – 45 евра
-
од 30 до 50 km/h – 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци
-
над 50 km/h – 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување најмалку 12 месеци
Во населено место, санкциите се построги и може да достигнат и до 500 евра, со задолжителна забрана за управување со возило.
Системот Безбеден град автоматски санкционира и минување на црвено светло, за што е предвидена парична казна од 250 евра, како и забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци. Доколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, се применува и кривична одговорност.
За управување возило со истечена сообраќајна дозвола, предвидена е казна од 100 евра за возачот и 250 евра за сопственикот на возилото, доколку станува збор за друго лице. Проверката се врши автоматски преку регистрите на МВР.
Казните за непрописно запирање или паркирање изнесуваат 30 евра за стандардни прекршоци, 45 евра доколку возилото го попречува сообраќајот и 50 евра ако е паркирано на место наменето за лица со попреченост. Во случаи кога возилото претставува ризик за безбедноста, се применува и подигнување со пајак-служба, со дополнителни трошоци.
Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа само 50 проценти од износот. По истекот на рокот, санкцијата се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.
Надлежните институции посочуваат дека целта на Безбеден град не е репресија, туку превенција и зголемување на сообраќајната безбедност. Очекувањата се дека со автоматското санкционирање ќе се намали бројот на сообраќајни несреќи, особено оние со тешки последици, како и дека ќе се воведе повисоко ниво на сообраќајна дисциплина.
Со стартот на системот, Безбеден град означува нова ера во контролата на сообраќајот – ера во која прекршоците повеќе не зависат од присуство на полициска патрола, туку од тоа дали возачите ги почитуваат правилата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
МВР: Пронајдено оружје при претрес во тетовско, лишени од слобода две лица, едниот на интернет се заканувал дека ќе изврши масовно убиство
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам до ОЈО ГОКК достави кривична пријава против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам, дополнително до ОЈО Тетово достави кривична пријава против 89 – годишник за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, информира МВР.
Осомничениот К.Х (20) на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.02.2026 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам со асистенција од САЕ Тигар и во координација со OJO ГОКК, извршија претреси во дом и други простории на локација во Мала Речица, тетовско.
За време на претресите кај К.Х. и кај членови на неговото потесно семејство пронајдени и одземени се повеќе предмети кои се предмет на кривично дело и тоа: различен вид и калибар на огнено оружје, автоматска пушка АК-47 со две рамки со 40 куршуми 7.62х39мм, пиштол „М57“ со две рамки со 49 куршуми, пиштол „CHEROKEE“ со две рамки и повеќе од 600 куршуми 9мм, тактички елеци, борбени елеци (панцир), ножеви со различна должина на сечиво и разни електронски доказни материјали. Две лица се лишени од слобода и притоа против К.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК за кривично дело „тероризам“ по член 394-б став 2 од КЗ, а против Џ.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ по член 396 од КЗ.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.

