Македонија
(Видео) Од 1 декември нема да дозволиме зависници да доаѓаат во Кисела Вода, жителите се судрија со претставник од Општината
Жителите на Кисела Вода им дадоа рок на властите до крајот на месецов да го дислоцираат Центарот за превенција и третман на зависности од дроги. Разочарани и револтирани од досегашните празни ветувања на градоначалниците и на министрите тие размислуваат по истекот на рокот, доколку не се преземат мерки, да почнат да блокираат улици и институции со цел надлежните да ги чујат. Вечерва се собраа пред Центарот за зависници за да ги договорат следните чекори. Велат дека ова е прв ваков собир откако постои проблемот.
„Животот околу болницата станува неподнослив. Децата со страв ги пуштаме на школо. Последниве месеци четири деца се повредија со употребени игли оти се расфрлани насекаде. Немам ништо против нив, тие се лечат и треба да се лечат, но на друго место. Овде веќе нема куќа што не опљачкана, нема двор во кој што не влегле. Шприцеви си наоѓаме по подрумите и гаражите, не можеме мирно да спиеме. Пред очи на нашите деца среде бел ден на улица се соблекуваат по гаќи и се боцкаат во бутовите, а ние сме немоќни да направиме било што“, се пожалија жителите околу болницата.
На собирот дојде Горан Петковски, шеф на кабинетот на градоначалникот Филип Темелковски. Тој се обиде да им објасни на граѓаните дека се преземаат мерки, но резултатот доцни поради случувањата во државата.
„Продолжен е рокот за дислокација на болницата поради се што се случуваше последниве месеци во државата. Ние заедно со Министерството за здравство работиме на случајот за решавања на вашиот проблем и очекуваме во текот на месецов да се најде решение. Запознаени сме со сите проблеми што ги имате и ве уверувам дека доколку не успееме да издејствуваме дислокација, јавно ќе ги поддржиме протестите против болницата“, објаснуваше Петковски.
Додека зборуваше жителите го заобиколија и од телефоните му покажуваа слики од купишта шприцеви и игли преку кои се принудени да минуваат излегувајќи од дома, зависници исполегнати на патот откако ја примиле дозата и слики од нередот што го оставаат зад себе. Петковски им објаснуваше дека и тој и градоначалникот се известени за сите проблеми и најави дека на следната средба ќе дојде и градоначалникот Филип Темелковски.
„Пренесете му и на градоначалникот и на сите останати дека од 1 декември овде нема да дозволиме да има зависници. Треба ли да се случи убиство за да не чуете?! Ние со овие луѓе живееме секој ден, овде не е доволно што има полиција која стои на страна, а тие се тепаат, вадат ножеви, никој не може да им се приближи“, се пожали еден од жителите.

Треба ли да се случи убиство за да не чуете?!, прашаа жителите на Кисела Вода
Дел од насобраните побараа Центарот да се пренамени во поликлиника за да не мораат децата од Кисела Вода да ги носат во Јане Сандански на лекар и порачаа секоја општина да почне да се грижи за зависниците.
„Сега општините се станати држави, секоја нека почне да се грижи за своите. Не знаете што е овде наутро. По најмалку 200 луѓе доаѓаат, не гледаат ништо пред себе, а на само чекор од овде е училиштето ‘Круме Кепески’“, вели еден од првите соседи на болницата.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски попладнево за „Макфакс“ изјави дека работат на решавање на проблемот.
„Постојано сме во контакт со жителите околу Ценатрот. Нивни претставници доаѓаат на состаноци со нас. Рокот за дислоцирање на Ценатрот е продолжен поради досегашните случувања, но веќе имаме закажано состаноци следната недела за решавање на овој проблем“, рече градоначалникот Темелковски.
Тој потсети дека заедно со претставници од Министерството за здравство, од Министерството за внатрешни работи од Оддделението за недозволена трговија и од ПСОН Кисела Вода, претставници од ЈЗУ Психијатриска болница Скопје, од Центарот за превенција и третман на зависност од дроги-Кисела Вода, невладините организации ХОПС и Доверба, како и жители на Кисела Вода имале средба на која барале начин за надминување на проблемот.
Центарот за зависници претставува проблем за жителите на Кисела Вода веќе трета деценија и нема ниту локална ниту централна власт во целиот тој период која што не ветила дислокација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

