Македонија
Речиси 200 компании со профит над 10 милиони евра заедно ќе платат 77 милиони евра данок на солидарност
Според евиденцијата на Управата за јавни приходи, лани речиси 200 компании пријавиле приход поголем од 10 милиони евра. Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, очекува од нив во буџетот со данокот на солидарност да се слеат 77 милиони евра.
„Врз основа на сите евиденциски анализи што ги имаме направено, во согласност со даночните биланси што ги имаат доставено компаниите, приближно 200 компании би требало да бидат опфатени со овој данок на солидарност. Зборуваме за споредбени податоци од 2022 година, 2021 година и така натаму. Очекувањата се дека околу 76-77 милиони евра би се влеале во буџетот преку овој еднократен данок на солидарност“, рече директорката Лукаревска.
Предлог-законот за данок на солидарност со европско знаменце е во собраниска процедура. Предложен е од Министерството за финансии и предвидува воведување данок за солидарност во 2023 година како еднократна давачка за компаниите што во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615.000.000 денари или 10 милиони евра.
Законот вторпат стигнува во Собранието и овој пат ќе се носи во скратена постапка оти е со европско знаменце.
Стопанската комора веќе се изјасни против дополнително даночење на успешните компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.