Македонија
Речиси 700 јавни објекти ја трујат Македонија, „Шанса за Центар“ ги мапира загадувачите
„Шанса за Центар“ само во Скопје мапира над 100 јавни објекти – болници, градинки, училишта, касарни, судови… и други установи што користат нафта и мазут и покрај тоа што градот има централно парно греење.
Од тука велат дека мазутот е исклучително валкан енергент, но не е за потценување ниту екстра-лесното гориво, кое содржи многу повеќе сулфур отколку, на пример, највалканото автомобилско гориво – дизелот.
По мапирањето на главниот град, извршено е обележување и во цела Македонија и утврдени се речиси 700 такви објекти.
„Ако не сакаме да дишеме воздух што светските медиуми го опишуваат дека ‘мириса на изгорена пластика’, сега е шансата да се направи промена! Се подготвува новиот државен буџет за 2024 година, што е можност да се обратите до пратениците од секоја изборна единица и заедно да притискаме за повеќе пари за борба против загадувањето на воздухот! И општинските буџети се во подготовка, па нивното вклучување во борбата против загадувањето мора да е насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти.
Во 2023 година не се направи промена на начинот на греење кај огромен број јавни објекти што се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Тие ќе продолжат да загадуваат и оваа зима и повторно ќе бидеме меѓу трите најзагадени земји во Европа“, велат од „Шанса за Центар“.
Според нив, нема град во Македонија кој во своето урбано јадро нема еден куп јавни објекти што го загадуваат воздухот.
Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните од Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар… речиси никој не е поштеден.
„За загревање на овие објекти, и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут. Тоа и ќе го дишеме! За нивното загревање, за една сезона граѓаните преку буџетот на државата и на општините ќе платат над 20 милиони евра“, велат од „Шанса за Центар“.
Мапата на јавни објекти што се греат на мазут и нафта во целата држава може да се види на линкот.
Од граѓанската иницијатива велат дека треба да се притиснат пратениците во Собранието и советниците да се заложат за мерки во буџетот за 2024 година во своите изборни единици за да се даде шанса сите општини да станат почисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Преку проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“, Јавното обвинителство ќе добие нов електронски систем за управување со предметите
Претставниците на проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“ го информираа јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, за планираните активности што треба да се реализираат во рамките на овој проект во следниот период.
Во рамките на активностите на овој проект поврзани со информатичката технологија фокусот на поддршката ќе биде насочен во изготвувањето на техничката спецификација за воспоставување нов електронски систем за управување со предметите во Јавното обвинителство. Средствата за овој голем и сложен проект, во кој, покрај Јавното обвинителство, се опфатени и неколку други институции, се обезбедени преку ИПА 3-програмата на Европската Унија. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија ќе формира посебна работна група за дигитализација, која ќе работи на утврдување на функционалните каратеристики во новиот систем, кои се неопходни за функционирањето на Јавното обвинителство. Во поддршка на процесот на изградба на новиот електронски систем ќе се вклучи и Здружението на јавните обвинители, чиј претседател Елвин Вели беше исто така на денешната средба.
Од аспект на дигитализацијата, домашни и меѓународни ИТ-експерти од овој проект работат на надградба и на постојниот Лурис-систем за меѓународна правна помош. По завршување на надградбата, земјата ќе биде прва во регионот што ќе овозможи директно електронско поврзување на Лурис-системите во Јавното обвинителство и Министерството за правда.
Од другите активности, проектот „ЕУ – Поддршка за владеењето на правото“ работи на подобрување на законските и подзаконските акти за оценување, контрола и дисциплинска одговорност на јавните обвинители, помага во обука на истражителите во истражните центри, придонесува во подготовката на новата стратегија за комуникации и транспарентност на Јавното обвинителство, а врши анализа и на човечките ресурси со кои располага Обвинителството.
Обвинителот Коцевски ѝ се заблагодари на Европската Унија за помошта во сите области што ги опфаќа овој проект и најави поддршка на проектните активности, кои треба да овозможат Јавното обвинителство да ги достигне европските стандарди во работата.
Македонија
Јакимовски обвини дека им се украдени повеќе од 600 гласа, ќе поднесат кривична за Даштевски и тужба во Управниот суд
Коалицијата „Храбро за Македонија“ денес обвини за изборен инженеринг и кражба на гласови на парламентарните избори. Од изборните единици 1, 2 и 5 им биле украдени повеќе од 600 гласа, кои, како што обвинија лидерите на партиите во коалицијата, им биле префрлени на коалициите „Вреди“ и „Европскиот фронт“.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ најави кривична пријава против претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, тужба во Управниот суд, а не ја исклучи можноста и за кривична против ДИК.
„Ова е голем срам за ДИК. Само од три места ни се скратени повеќе од 600 гласа и им се префрлени на други политички партии. Ова кажува колку голема беше кражбата на овие избори, но и дека овој начин на крадење гласови од помалите партии, кои немаат набљудувачи на гласачките места, е правен и во претходните изборни циклуси и се додавани пратеници на други партии. За оваа нечесна работа, ќе поднесеме тужба во Управниот суд и кривична пријава против претседателот на ДИК, Даштевски, кој дозволил на ваков начин да се крадат гласови од одредени партии и во исто време да се префрлуваат на други за да добијат повеќе пратеници“, рече претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, од чие водство беше формирана коалицијата „Храбро за Македонија“.
Имаат забелешки дека во записниците било заведено оти имаат повеќе гласови, а во финалните резултати од ДИК бројките биле намалени.
„Станува збор за упад во изборните резултати, а делата против избори се кривични, не застаруваат. Група адвокати работи на процена на серија кривични дела. Кривичната пријава ќе биде против претседателот на ДИК, но не е исклучено да биде и против целата ДИК. Станува збор за упад во софтверот“, обвини лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски.
Лидерот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, рече дека на коалицијата „Храбро за Македонија“ во Изборната единица пет ѝ се украдени 4.000-5.000 гласа.
„Нека ги остават еднаш Ромите сами да одлучат за кого ќе гласаат. Имаше невиден поткуп, имам и видеодокази за повици на граѓани да земаат пари. Замислете, чисто етнички македонски град купен по 200 евра од човек. Имам докази, но ќе им го оставиме тоа на адвокатите“, рече Ибраимовски.
Коалицијата „Храбро за Македонија“ не поднела приговори за изборните резултати оти сметаат дека кражабата ја направила Државната изборна комисија.
„Каде да поднесеме приговори кога ова е направено во самата ДИК? Приговори се поднесуваат за тоа што се случувало на гласачкото место. Од каде ќе претпоставите дека ќе ве украдат од ДИК? Некој за ова мора да заврши во затвор“, рече Јакимовски.
Од коалицијата јавно го повикаа Обвинителството да се вклучи и да направи истрага за украдените гласови.
Државната изборна комисија денес соопшти дека прифатиле седум приговори за седум избирачки места.
Македонија
Средба на претседателката Силјановска-Давкова со евроамбасадорот Гир: Нашата иднина несомнено е во Европската Унија
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска го прими шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир.
На средбата претседателката Силјановска-Давкова се заблагодари за упатените честитки од челниците на Европската Унија по повод нејзиното стапување на функцијата и изрази подготвеност за целосна соработка со делегацијата на Европската Унија во Скопје во однос на пристапниот процес на државата истакнувајќи ја значајноста на делегацијата како своевиден координатор на активностите на ЕУ во земјата.
Претседателката Силјановска-Давкова посочи на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани.
Нашата иднина, според претседателката Силјановска-Давкова, несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји, со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности.
Претседателката посочи на нејзината подготвеност да придонесе во градењето единство за прашања од национален и државен интерес и да придонесе кон обезбедувањето политички и општествен консензус во однос на реформската агенда и усвојувањето закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел да се избегне неговата злоупотреба, што беше нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.
Претседателката Силјановска-Давкова истакна дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји членки на ЕУ.
Во тој контекст таа посочи на потребата од враќање на вербата во мериторен процес на интеграција, со фокус на исполнување на Копенхашките критериуми.