Македонија
Градењето кај „Треска“ пред Уставен, нова трка меѓу правдата и парите во Центар, велат од „Шанса за Центар“
Уставниот суд отвори предмет за оспорениот Детален урбанистички план (ДУП) во Центар, во кој спаѓа и земјиштето на поранешната фабрика „Треска“. Адвокатката Сузана Јошевска и граѓанска иницијатива „Шанса за Центар” се подносители на претставката, бидејќи како што велат, има недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските Деталните урбанистички планови. Од „Шанса за центар“, велат дека ова е нова трка меѓу правдата и парите во Центар.
Уставниот суд оформи предмет по иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“, со која го оспоруваме ДУП за Буњаковец, во кој спаѓа и подрачјето на „Треска“, информираат од оваа граѓанска иницијатива.
Се надеваат на еднакво брзо и ефикасно постапување на судот имајќи предвид, како што велат, дека и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба.
„Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на т.н. наполитанки кај ‘Треска’. Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови, кои се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар“, велат од „Шанса за Центар“.
Потсетуваат дека за фабриката „Треска“ се бореа граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, па и политичка волја за промена имаше до 2020 кога се прифати напуштање на решението од ДУП-от и се направи конкурс.
„Општинската власт под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите, кои ги изгубија своите значење, интегритет и кредибилитет, може да му пресудат на последниот поголем простор и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните“, питенцираат од „Шанса за Центар“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
АМСМ: Сообраќајот се одвива непречено, на граничните премини нема подолги задржувања
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Ахмети: Да работиме заедно за правилно образование на генерациите, во духот на меѓусебното почитување
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети со објава на својата Фејсбук страница го честиташе 24 мај – Денот на светите браќа Кирил и Методиј.
„Секој народ ги постави темелите на својот мајчин пишан јазик со неуморната работа на многу мисионери кои го запечатија неговото вечно постоење.
Универзалниот јазик на народите е знаењето, единствениот пат кон напредокот, затоа на сите мои сограѓани од македонската заедница им го честитам 24 мај – денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
Секој ден да размислуваме за пожртвуваноста на сите образовни мисионери и да работиме заедно за правилно образование на генерациите во духот на меѓусебното почитување на сите идентитетски вредности“, пишува Ахмети.
Македонија
Мицкоски: За скоро време ќе имаме нова влада, следува ново поглавје со работа, одговорност и резултати
Првенствено ќе се посветам на она што најмногу го засега секој еден човек, а тоа е потребата за подобар живот и изградба на заедничка иднина. Големата поддршка која ја добивме од граѓаните, значи огромна одговорност да излеземе со чист образ пред граѓаните и да кажеме како стојат работите реално, и без разубавувања, но и да направиме брзи резултати, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Струга во црквата Св. Богородица – Калишта, каде се одржа свеченост по повод одбележувањето на празникот на Св. Кирил и Методиј.
„Следува ново поглавје, каде државата се враќа на народот, и Македонија мора да има резултати и сила за големи победи. Новото поглавје се темели на одговорност, на морал и вредности кои се обврзувачкото кредо кое мора да се почитува. За брзо од сега ќе имаме нова влада. Тоа го посакувавме од првиот ден на оваа наша напорна и голема битка. Но, формирањето на владата е лесниот чекор, затоа што крупните чекори мора да бидат резултатите кои мораме да ги испорачаме“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека многумина се гледаат на различни позиции, функции и места, и додаде „никогаш тоа за мене не преставувало билет за добар живот, туку обврска за голема одговорност на тој кој ја дава оваа власт, а тоа е народот“.
„Бидете свесни дека секое ваше потфрлање ќе биде разочарување на народот и луѓето чии дланки ги стиснавме во нашата повеќегодишна битка за ставање на крај на ова владеење“, вели Мицкоски.
Според Мицкоски секоја стисната дланка е рака на подадена надеж, секој разменет збор ново очекување.
„Добиената поддршка мора да се заслужи и одработи. Мора да се покаже задолжителна доблест и пример во владеењето и да се покаже одговорност. Работете беспоштедно од првиот ден, решавајте што е можно повеќе проблеми и бидете промената која може и мора да се види од првиот час. Секој ќе добие шанса, секој од вас, но таа шанса е обврска која морате да ја исполните. Знајте дека ја имате мојата доверба, но и ќе ја имате мојата апсолутна жестокост без пардон доколку било кој од вас влезе во коруптивни или заткулисни игри“, заклучи Мицкоски и дополни дека мораме да се обединиме под исто знаме, по исто небо и да работиме за заедничката иднина.