Македонија
„Омилената владина веледрогерија била оќорена од тендери на Онкологија, за одредени лекови се правеле резерви, а други биле оставани како дефицитарни“, вели ВМРО-ДПМНЕ
„Власта бега од скандалот со клиниката за Онкологија како ѓавол од темјан. Бегаат затоа што токму оваа власт е дивото месо кое што го уништува здравствениот систем и овозможува некој да се богати на грбот и на сметка на животите на најтешките пациенти во државата. Ова што се случувало во клиниката за Онкологија е дело на една канцер мафија. Таа канцер мафија свесно предизвикала хаос во клиниката со цел во матното да се злоупотребува скапата терапија која чини и по илјада евра од ампула“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Притоа речиси по правило било набавувано терапија од омилената веледрогерија на власта која била „оќорена“ од тендери и народни пари. Она кое што е забележано во извештајот од финансиската контрола е дека постои нејасна причина зошто за некои лекови се правени анекси и залихи, а за други дефицитарни лекови не. Дали свесно било набавувано повеќе од некои лекови кои чинат огромни суми, за да може веледрогеријата да се наполни со пари?
Исто така во истиот извештај се забележува зошто е распишан 4 месечен тендер од страна на клиниката за Онкологија, кога тендерот на министерството за здравство бил уште во тек?
Сите овие недоследности , но и мноштвото сведоштва за злоупотреби, говорат дека на клиниката за Онкологија се спроведувал најморбидниот криминал. Оваа канцер мафија мора да одговара“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

