Македонија
Општина Аеродром набргу добива канцеларија на Управата за водење на матичните книги

Отворање канцеларија „Една точка за услуги“ во Аеродром, преку која граѓаните ќе може да вадат и документи од Управата за водење на матичните книги, беше тема на денешната средба меѓу заменик-градоначалникот Дејан Митески и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
„Една точка за услуги“ е од исклучително значење за аеродромци затоа што од оваа канцеларија на два шалтера граѓаните на едно место ќе добиваат повеќе од 40 услуги и информации од голем број институции.
Освен вадење документи од Управата за водење на матичните книги, за што има огромен интерес меѓу аеродромци, жителите ќе добиваат и услуги од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски – Секторот за патен сообраќај и инфраструктура, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижностите, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика – центрите за социјална работа, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерството за економија.
Заменик-градоначалникот Митески истакна дека целта на овој проект е да им се олесни секојдневното функционирање на граѓаните кои во непосредна близина на своите домови ќе може да ги вадат сите потребни документи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Левица е на услуга на ДУИ, сега си направиле пазар од кој ќе профитира или ќе се обиде да профитира ДУИ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше свое обраќање на денешниот митинг, со кој се започна кампањата за претстојните локални избори, и кој се одржа во Скопје во Спортскиот центар ,,Јане Сандански“ на кој се осврна и на коалицијата ДУИ и Левица, односно на Али Ахмети и Димитар Апасиев.
Мицкоски објасни дека сега јасно се гледа дека Левица игра во корист на ДУИ, како што претходно играла во корист на СЈО и Зоран Заев.
„Постојат две коалиции, две коалиции надвор од видливото. Првата е онаа меѓу Али и Димче, помеѓу ДУИ и Левица. Левица само го покажа своето вистинско лице кое што сите ние го знаеме. Тие се на отворен пазар, на услуга на Али и ДУИ. Сетете се, да не заборавиме, прво го помагаа СЈО за добри хонорари, потоа самиот Заев отворено кажа дека правеле тајни коалиции за наводно да ја спаселе Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и од Христијан. А сега си направиле пазар од кој ќе профитира или ќе се обиде да профитира ДУИ. А тие пак од ДУИ, со истите трикови се децении наназад. Како стара закачица, провоцираат и едвај чекаат да им одговорам“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа „сигурно пресметале дека ќе им вратам, па така ќе им го подобрам уништениот рејтинг“.
„Таа нивна игра мора и Албанците и Македонците и сите останати да ја знаат и разберат. Така ДУИ си го крева рејтингот. А тезите им се стари и излитени – те. „крвови“, те „јастреби, те орлите, те зајаци“, истото тоа, истиот фолклор го споменуваат 20 години, тоа со години е истиот филм. Албанците му се иселија. Парам-парчe направија од крадење Албанците – дури и од неговото Зајас – се иселија; исто како во Дебар, Струга, Тетово, Гостивар, Кичево и насекаде што живеат.. Дваесет години беа на власт. Видовме се што можат, но и што не можат. И тие метафори на митинзите повеќе не им поминуваат – добри се, ако одлучиле да се занимаваат и да глумат хумористични филмови за да може да насмеат некого. Но, не и да влеат надеж каква им е потребна на сите граѓани во Македонија“, посочи Мицкоски.
Македонија
Филипче: Со Златко Кузмановски Демир Хисар отвора нова страница на развој и напредок

На граѓанската трибина во Демир Хисар, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, истакна дека за реализација на програмата и визијата која ја која ја нуди СДСМ за општина Демир Хисар, го имаат најдобриот кандидат за градоначалник, Златко Кузмановски.
„Верувам, и стојам одговорно зад тоа, дека Златко ќе ја води општина Демир Хисар чесно, со интегритет и со почит кон секој граѓанин. Тој ќе отвори нова страница за Демир Хисар, страница на развој, можности и напредок“, рече Филипче.
Тој додаде дека Кузмановски е народен човек, кој е постојано меѓу своите сограѓани и дека ги разбира нивните потреби и секојдневни предизвици.
Македонија
Максим Димитриевски: Мудроста на постарите и енергијата на младите се темел за иднината на Куманово

Денес кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, оствари повеќе значајни средби и активности со цел уште еднаш да ја потврди посветеноста кон сите категории граѓани.
На средбата со членовите на Здружението на армиски и полициски ветерани од активен и резервен состав во Куманово – ЗАПВАРС, Димитриевски ја истакна нивната мудрост и искуство како темел врз кој се гради посилно и побезбедно Куманово. „Горд сум на нивниот активизам и придонес во заедницата и подготвен сум заедно да продолжиме да создаваме подобра иднина за сите нас“, нагласи тој.
Посебно место во денешните активности имаше средбата со младите од Клубот на млади на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, ОО Куманово. „Енергијата и ентузијазмот што ги носат младите се вистински ветар во грб и мотив за мене. Ветувам – ќе обезбедиме можности и услови за младите, затоа што тие се енергијата што го движи овој град напред“, рече Димитриевски.
Во текот на денот, тој се сретна и со жителите на Умни Дол, Железничка и Ново Село, каде што одблиску ги слушна нивните предлози и потреби. Денот заврши со мини митинг пред Пожарна, каде Димитриевски уште еднаш ја потенцираше важноста на директната комуникација со граѓаните.
„Секој разговор е инспирација и потврда дека сме на вистинскиот пат. Заедно со мудроста на постарите генерации и свежите идеи на младите, градиме иднина дома – во наше Куманово“, порача Димитриевски.