Македонија
Општина Гази Баба спроведе акција за пошумување на Скопска Црна Гора, засадени 15.000 багреми
Во Страчинци се засадуваат 15.000 багреми. Од Општина Гази Баба велат дека ова место е избрано за оваа акција затоа што според студијата за ерозија што ја направиле како Општина со експертите од Шумарскиот факултет, Страчинци заедно со населените места Раштак, Булачани, Црешево, Виниче и Брњарци, спаѓа во едно од најкритичните ерозивни подрачја во општината.
„Затоа, засадуваме багреми, кои лесно се фаќаат како дрвја и кои ја собираат водата од почвата и прават заштита за идните поголеми количества вода од дождовите, кои може да бидат причина за ерозија на почвата, особено на вакви суводолици. Со ова во иднина ќе се спречи создавање елементарни промени на почвата од големите количества вода, кои носат големи ерозивни наноси кои предизвикуваат големи штети. Оваа акција е од големо значење за овој регион, кој е суводолица токму поради бесправната и дива сеча што во последните 10 години има сè поголем замав на Скопска Црна Гора. Од друга страна, овој регион неколкупати беше зафатен од пожари во летниот период, со што значително го збогатуваме шумскиот фонд“, рече градоначалникот Георгиевски.

Тој агласи дека целта е да се спречи водната ерозија во овој регион и никогаш да не се дозволи да се повтори катастрофалната поројна поплава, која се случи во август 2016 година, во која најзасегнати беа токму овие села во подножјето на Скопска Црна Гора.
„Во изминатите 2 години извршивме чистење на речните корита во Црешево, Виниче и Страчинци, каде што се чистеа каскадните постави на каналите сè со цел да се ублажи големото количество вода од овие предели. Заедно со краткорочните мерки, кои предвидуваат чистење на каналите и пошумување, како долгорочна мерка Општина Гази Баба изработи нов основен проект за нов ободен канал, кој предвидува да ги собере сите речни корита и суводолици почнувајќи од поројните реки што доаѓаат од атарот на селата Црешево, Виниче, Страчинци и Брњарци за на крајот да се влее во одводниот канал и да не дозволи да им направи штета на инфраструктурата и на земјоделството, како што беше случајот во 2016 година по поплавата“, додаде Георгиевски.
Општина Гази Баба и Владата преземаат конкретни мерки за заштита на животната средина, но граѓаните мора да се вклучат во одржувањето на околината околу себе затоа што секој наш труд нема да се исплати доколку жителите и понатаму ги сечат дрвјата што ние ги садиме, да ги полнат каналите што ние ги чистиме и намерно да предизвикуваат пожари само за свои цели. Колку повеќе се вклучиме во чувањето и одржувањето на животната средина, толку повеќе ќе ја имаме, од нас зависи, посочи градоначалникот на општина Гази Баба.
Акцијата за пошумување ја поддржаа претседателот на РСМ, Стево Пендаровски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, Дејан Павлески, заменик-министер за локална самоуправа, ЈП „Национални шуми“, спортисти, волонтери, акцијаши и граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Роџер – терапевтскиот лабрадор кој им носи смиреност и поддршка на пациентите на Клиниката за психијатрија
ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје доби нов член во својот тим – Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, вдомен неодамна и вклучен во активности со асистенција на животни (Animal Assisted Activities).
Како што соопшти Клиниката, Роџер за кратко време се прилагодил на персоналот и пациентите и веќе е прифатен како четириножен „колега“. Според директорката, Славица Арсова, вдомувањето е дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, вели Арсова. Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти – индивидуално или во групи – секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите.
За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него се грижат членовите на персоналот. Под надзор и мониторинг, постепено во грижата се вклучуваат и пациенти – со нивна согласност.
Активностите започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт во просториите каде што има храна или лекови, а неколку пати дневно има подолги прошетки со вработените или со пациенти-доброволци од дневната болница.
Од Клиниката посочуваат дека лабрадорите се меѓу најчесто користените раси во активности со асистенција на животни поради смиреноста, трпеливоста, предвидливото однесување, високата емпатија и социјална интелигенција.
„Тие интуитивно реагираат на човечки емоции и природно нудат утеха преку присуство, без наметнување“, додава Арсова.
Клиниката наведува дека сите овие карактеристики ги поседува и Роџер, кој веќе донел многу позитивна енергија во установата.
Македонија
Поддршка за новиот закон, пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести, велат од Институтот за медицина на трудот
Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и недвосмислена поддршка за Предлог-законот за заштита од пушење.
Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право. Од таму велат дека секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.
„Нагласуваме дека работниците во угостителскиот сектор, се меѓу најранливите групи. Овие вработени често се изложени на високи концентрации на тутунски чад во текот на целото работно време, кое често надминува 8 часа дневно. За овие работници, „пасивното пушење“ не е избор, туку претставува сериозен здравствен ризик кој потекнува од нивното работно место. Научните докази се јасни: не постои „безбедно“ ниво на изложеност на чад или аеросоли од тутунски и никотински производи. Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност како јавно-здравствена установа е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета“ на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски“, се наведува во соопштението.
Затоа, Институтот ги повикува работодавачите, особено во угостителството, да ја поддржат примената на законот како мерка за безбедност при работа, а не како „казна“; работниците да го препознаат правото на чист воздух како дел од правото на безбедно работно место; инспекциските и надлежните органи да обезбедат доследна примена, затоа што само така законот ќе ја исполни својата цел.
„Со спроведувањето на овие мерки, не само што ги штитиме поединците, туку и ја зајакнуваме нашата економија преку намалување на боледувањата и продолжување на животниот век на нашата работна сила. Институтот за медицина на трудот на РСМ цврсто стои зад овој закон. Јавното здравје и безбедноста на нашите работници мора секогаш да имаат предност пред комерцијалните интереси. Повикуваме на поддршка од сите чинители за оваа транзиција кон почиста, поздрава и попродуктивна работна средина за сите работници во нашата земја“, се наведува во соопштението.
фото/Depositphotos
Македонија
Срушена дивоградба во Јурумлери, инспекции во Општина Гази Баба
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека во Јурумлери на ул. 9 е отстранета дивоградба по постапување на општинската инспекција и донесено решение за рушење.
Сопственикот постапил по решението и сам ја отстранил дивоградбата.
Градоначалникот најави дека инспекциите се на терен и вели дека нема да дозволи диво градење и непочитување на прописите.
„Ставаме ред и почитување на Законот за градење. Инспекциските служби континуирано се на терен и постапуваат таму каде што има неправилности. Нема да дозволиме диво градење и непочитување на прописите“, вели Стефковски.
Тој упати апел до сите граѓани да го почитуваат Законот за градење.

