Македонија
Општина Центар и Архитектонскиот факултет ја почнаа активноста за разработка на студентски визии за значајни локации во општина Центар
Како продолжение на континуираната соработка помеѓу Општина Центар и Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, официјализирана и преку меморандум за соработка во 2019 година и оваа академска година ќе реализираат заеднички стручно-образовни активности.
Една од нив е соработката помеѓу вработените од Секторот за урбанизам при Општина Центар и наставниот кадар од предметот архитектонско студио 5.2, под водство на проф. д-р Анета Христова-Поповска, вонр. проф. д-р Михајло Зиноски и доц. д-р Мери Батакоја.
Во согласност со студиската програма, студентите се обучуваат за практична примена на знаењата од архитектонско проектирање на специфичните објекти од областите на административните (канцелариски) згради и зградите за образование.
По избор на наставниот кадар, а во договор со Општина Центар, во рамките на годинешното студио, локацијата на која ќе проектираат административна зграда е парцелата каде што се наоѓаат бараките на Општина Центар.
На студентите на денешната посета им се обрати и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, кој им посака успех во проектирањето и порача дека добрата соработка со Архитектонскиот факултет ќе продолжи и во иднина, со уште заеднички проекти за подобрување на животот на центарци.
Покрај споделувањето податоци, знаење, искуство, вработените од Секторот за урбанизам при Општина Центар ќе го стават на располагање своето професионално знаење со цел студентите да осмислат поквалитетен работен простор за вработените, поквалитетен простор за посета за странките и воопшто поквалитетен јавен објект и јавен простор за граѓаните на општина Центар и градот Скопје.
Од друга страна, студентите ќе продуцираат повеќе идејни решенија преку кои ќе може да се тестира капацитетот на локацијата за современ административен објект, паркирање, зеленило и други јавни содржини и преку разни проекти ќе се провери какви можности нуди оваа локација, што е од големо значење при поставување цели за развој на општината во иднина.
На денешната презентација, која се одржа во салата на Советот на Општина Центар, вработените и наставниот кадар им ги претставија можностите и задачите на студентите, кои тие ќе ги имаат предвид во успешното завршување на задачите.
Општина Центар преку Секторот за урбанизам и Секторот за комунални работи, уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина, веќе трета година остварува соработка со Архитектонскиот факултет и на наставниот предмет интегративно студио, предмет што се изучува во 9-тиот семестар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).