Македонија
Општина Штип со мерки за спречување ширење на коронавирусот
Во изминатите неколку денови Општина Штип презеде конкретни мерки за спречување на ширењето на вирусот ковид-19. Спроведено е превентивно миење и дезинфицирање на улиците, контејнерите и јавните простори, како и дезинфекција на градинките и некои основни училишта.
„Со мерки во оваа насока и согласно препораките на Министерство за здравство, ќе продолжиме и понатаму, а сè со цел да се заштити населението на територија на општина Штип од новонастанатата пандемија. Утрово остварив средба со директорката на Центар за јавно здравје, директорот на Клиничка болница Штип и директорката на Здравствен дом. На оваа средба разменивме информации во однос на состојбите во општина Штип. До овој момент во Штип нема заразени од вирусот ковид-19. Ние како Општина Штип во соработка со другите релевантни институции преземаме низа мерки за спречување на ширењето на вирусот“, изјави градоначалникот на општината, Благој Бочварски.
Во текот на оваа недела продолжува дезинфекцијата на училиштата. Исто така, беше спроведена дезинфекција на автобусите за градски превоз на текстилните работнички. Од утре ЦЈЗ ќе почне со втора дезинфекција на овие автобуси, како и на сите возила вклучени во такси-превозот. Денеска ТППЕ Штип по трет ат деновиве ќе ги дезинфицира улиците и јавните површини со специјален течен концентрат за дезинфекција.
Во рамки на Општина Штип како институција ќе ги спроведеме следните мерки:
• Целосно се заштитени вработените во приемното одделение и одделението за администрирање даноци при Општина Штип, за прием и услуги на странки. Своите потреби, информации и прашања граѓаните ќе можат да ги реализираат на следните начини:
o Со јавување директно во приемното одделение на броевите 032/226-650, 032/226-655 или 078/472-625 и одделението за администратирање на даноци 032/226-625, секој работен ден од понеделник до петок од 7:30 – 15:30 часот
o Преку официјалната веб-страница на Општина Штип – www.stip.gov.mk
• Службите на Општина Штип се ставени во функција да им излезат во пресрет на сите граѓани, да ги информираат за начинот на достава, начинот на поднесување барања и слични документи преку горенаведените начини за комуникација.
• Се врши дезинфекција на градинките, основните и средните училишта, како и дневните центри согласно препораките од Министерство за здравство и Министерство за образование и наука.
• Се забранува организирање локални настани, јавни собири, културни манифестации, промоции, панаѓури, саеми, спортски настани и слично на локално ниво, сè до моментот на изрекување нови мерки и препораки од страна на Министерство за здравство.
Во работата на Општина Штип важно ни е да ја задржиме транспарентноста на работењето. Во овие моменти, исто така особено важно ни е да го заштитиме здравјето и на новинарите, затоа што преку нивната посветена и професионална работа сите граѓани ги добиваат потребните информации. Затоа, предлагаме мерки за заштита на здравјето на сите новинари. Изјавите на медиуми ќе ги снимаме во мојот кабинет, а ќе им ги испраќаме на новинарите преку соодветни платформи за трансфер на видеозаписи. Преку постојана комуникација преку е-пошта и преку телефон, тие ќе можат да ги поставуваат своите прашања, за на тој начин да се избегне загрозување на нивното здравје.
„Општина Штип и јас како градоначалник им излегуваме во пресрет и на сите стари и изнемоштени лица, лица кои поради различни причини имаат потешкотии во движењето или спаѓаат во категоријата на лица во ризик со цел да им се олесни секојдневното функционирање на овие граѓани и тие да не се изложуваат на дополнителна опасност“, истакна Бочварски.
Општина Штип ќе состави мобилни тимови со следните задолженија:
• Помош за набавка на намирници
• Препишување рецепти и подигање лекови од аптека и нивна достава до живеалиштето.
• Плаќање сметки.
Протоколот за постапување и реализирање на овие активности ќе биде усогласен со протоколот од ЦЈЗ. Координативниот тим за овие и сите други активности поврзани со спречување на ширењето на вирусот ковид-19 е составен од: градоначалник на Општина Штип, претставник на Општина Штип, здравствени работници и претставници од ЦЗЈ, претседател на Здружение на пензионерите, претседател на Здружение на инвалидни пензионери, претседател на Здружение на слепи и наглуви лица, Здружение на граѓани „Порака“, Центар за социјални грижи во Штип и др.
„Во текот на денешниот ден веќе се пријавуваат волонтери, а исто така и граѓани коишто ги бараат овие услуги. Апелираме граѓаните исклучиво да комуницираат со овластените лица од Општина Штип, за да не настане злоупотреба. Во овие активности свој придонес ќе имаат и јавните претпријатија“, рече тој.
Од денеска општата бања ќе биде затворена. Инкасаторите чија обврска е да ја читаат состојбата на водомерите се целосно опремени за спречување на ширењето на вирусот.
„Пред нас се денови во кои мораме да покажеме сериозност и одговорност во однесувањето. Кон сите наши сограѓани кои се вратиле од патување во која било европска земја или земја која според СЗО е со среден или висок ризик упатувам апел веднаш да се пријават кај соодветните служби и задолжително да се стават во самоизолација во времетраење од 14 дена. Ова е одговорен начин на кој сите заеднички учествуваме во заштитата на јавното здравје“, изјави Бочварски.
Тој упати апел кон сите сограѓани да ги следат сите препораки на Министерството за здравство, да држат социјална дистанца, да се избегнуваат физички контакти, а кога мора – да се држи задолжителното растојание од минимум 1 метар од други луѓе.
Доколку забележувате дека некои сограѓани се несовесни и не ги почитуваат препораките од Министерство за здравство, пријавете ги во ЦЈЗ, МВР и ДПИ, додаде градоначалникот на Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС со вежба го одбележа Светски ден на цивилната заштита
Со вежба за цивилна заштита и спасување во битолско викендов се одбележува 1 Март – Светски ден на цивилната заштита. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов во изјава за медиумите истакна дека овој ден е посветен на луѓето, без разлика дали се од институциите или од доброволните друштва, кои секогаш се во служба на безбедноста и заштитата на граѓаните при природни непогоди, несреќи, кризни состојби и други опасности.

По повод Светскиот ден на цивилна заштита, во соработка на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Доброволно противпожарно друштво (ДПД) „Архангел“ од Битола, беше реализирана дводневна вежба во Битола и кај манастирот „Св. Ѓорѓи“ во битолското село Велушина (во предел кон границата со Грција).

– Првиот ден се реализираше презентација на улогата на ДПД во системот за заштита и спасување со разменување теортетски и практични искуства и добри искуствени практики. Вториот ден, при показната вежба – симулација на настан „Гаснење пожар на отворен простор“ се примени јасна командно-контролна структура (ICS), со однапред утврдени улоги и одговорности во насока на јакнење на меѓуинституционалната соработка и со доброволните друштва, нагласи Ангелов.
Македонија
(Видео) Филипче: Со Мицкоски, има драматичен пад на странските инвестиции за 729 милиони евра
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека со Христијан Мицкоски на чело на Владата има драматичен пад на директните странски инвестиции од 61 отсто, односно намалување од 729 милиони евра во 2025 година во споредба со 2024 година.
„Во 2024 година има рекордна вредност на директни странски инвестиции од 1.196.000.000 евра, а сега во 2025 година само 467 милиони евра. Тоа е резултат на економската политика на оваа Влада – едноставно дебакл“, изјави Филипче, повикувајќи се на податоци од Народната банка.
Тој нагласи дека бројките значат работни места и благосостојба, посочувајќи дека во време на владите на СДСМ биле отворени 16 нови фабрики и над 10.000 работни места во технолошко-индустриските развојни зони.
Филипче тврдеше дека сега се бележи повлекување на компании и кратење на производствени линии, при што, како што рече, „илјадници работни места се под ризик“.
Тој ја обвини Владата за „тотална негрижа“, посочувајќи на, како што наведе, буџетски дефицит од близу две милијарди евра, издавање две еврообврзници во вредност од една милијарда евра и барање нови 300 милиони евра задолжување.
Филипче додаде дека СДСМ предложила зголемување на минималната плата и пренамена на буџетски средства, но дека власта го одбила предлогот. Според него, намалени се средствата за земјоделство и за пациенти со ретки болести, додека, како што рече, „има пари само за тендери блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Нема напредок, нема дури ни стагнација – има назадување на сите процеси во државата“, изјави Филипче.
Македонија
Инвеститори граделе без одобрение во Охрид и Струга, инспекторатот наложил уривање
СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.П. (46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.
Според полицијата, таа како инвеститор, на катастарска парцела во охридското село Љубаништа, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежниот сектор во општина Охрид, изградила објект за домување. Надлежен инспекторат донел решение за отстранување на градбата.
ОВР Струга, пак, поднесе кривична пријава против М.М. (58) од Струга, исто така поради сомнение за „бесправно градење“. Пријавениот, како инвеститор, без правосилно одобрение од општинскиот орган, изградил објект за домување и гаража на катастарска парцела во Струга.

