Македонија
Општина Ѓорче Петров ќе плати 13 илјади евра за верски календари, жителите бараат улици и канализација
За роковници изработени од вештачка кожа и ластик, верски календари, но и календари со фотографии од општината, папки за дипломи, пенкала и роковници со тврда подврска, Општина Ѓорче Петров ќе плати 800 000 денари или 13 илјади евра на приватна фирма. Тендерот е одобрен од градоначалникот Александар Наумовски, кој, пак, за „Макфакс“ вели дека истиот е оправдан оти општината набавувала за да подарува. Во тендерот не пишува колку стоки ќе се набавуваат, а Наумовски немаше информации.
„Има реална потреба. Ги подаруваме. На пример, треба ли да му помогнеме на Здружението на пензионери? Им помагаме со пенкала, роковници. Па и општината треба да има материјал што ќе го даде како подарок кога ќе дојде гостин. Вие се јавувате само за работи што ви бодат очи, а кога подаруваме пакетчиња никаде ве нема“, ни рече Наумовски, кој не знаеше зошто оваа набавка чини 13 000 евра, велејќи дека за ова прашање одговор требало да даде службата што го распишала тендерот.

Наумовски немаше време да даде одговор на повеќе прашања, правдајќи се дека е на состанок.
За набавката, низа реакции има и на социјалните мрежи.
„’Чекајте малку, набавката е за цел мандат или само за 2019 година’, ‘Цел свет оди напред, сè се дигитализира, луѓе одат на Марс, ние уште со хартиени календари и роковници’“, се дел од истите.

Александар Наумовски, откако беше поставен за градоначалник, ветуваше промени во општината. Некои од жителите и јавно реагираат за проблемите во општината, а не се решаваат. Главните критики кон Наумовски се во делот на раскопаните улици и немањето фекална канализација.
„Една пофалба за градоначалникот на општина Ѓорче Петров за улицата Шар Планина во Геге. Живееме во 21 век покрај најзапуштената улица, полна со вирови, кал, не можеме да излеземе од дома. Нели е срамота градоначалнику?“, пишува во една од објавите.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

