Македонија
Орце Камчев денеска ќе сведочи за „Меѓународен сојуз“
Приведениот бизнисмен Орце Камчев денеска ќе биде спроведен во Кривичниот суд да сведочи за случајот „Меѓународен сојуз“ иако неговиот адвокат Тони Менкиновски велеше дека притворот му се одредува за да се попречи неговото сослушување.
Судијката Софче Гаврилова-Ефремова веќе испратила наредба Камчев да биде спроведен за да сведочи за „Меѓународен сојуз“. Пристигнувањето на наредбата за спровод за „Макфакс“ го потврди директорот на затворот, Филип Андов.
Адвокатот Менкиновски, кој му е бранител на Орце Камчев, во неделата, по апсењето на бизнисменот, велеше дека денешното судење ќе се одложи за неговиот клиент да не сведочи. Тој посочи и дека службената белешка за можно бегство на Камчев доаѓа од Агенцијата за национална безбедност, каде што работи Јовче Ременски, сопруг на Фросина Ременски, која е обвинета во предметот.
„Господинот Камчев требаше да сведочи следната недела. За сопругот на Фросина Ременски, оваа службена белешка доаѓа од институцијата каде што е вработен, мислам дека е на раководна функција. Ако со овој начин се сака да се попречи господинот Орце Камчев да сведочи, тоа е навистина…“, рече Менкиновски по одредениот притвор на Камчев.
И по посочувањето дека Камчев ќе биде спроведен од затворот во Шуто Оризари за да сведочи, Менкиновски рече: „Па не сум баш сигурен, ќе се одложи судењето бидејќи судијата што го води процесот не знае каде е Орце Камчев. Ќе треба да се одложи, да се одолжува судењето, така што не е баш едноставна целата приказна“.
Првообвинет во случајот „Меѓународен сојуз“ е Бојан Јовановски-Боки 13 и се товари за делата измама и перење пари. Потоа, во истиот случај се гонат и експратеничката Фросина Ременски, заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, таткото на Боки, Миле Јовановски, и асистентката Христина Блажевска.
Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ и Блажевска за помагање на двете дела (измама и перење пари), а таткото на Боки за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола.
Според обвинението за „Меѓународен сојуз“, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13 и ги оштетиле со повеќе од милион евра. Бизнисменот Орце Камчев е сведок предложен од обвинителката Вилма Русковска, која го застапува предметот „Меѓународен сојуз“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

