Македонија
Османи-Албарез: Преговорите мора да продолжат за време на шпанското претседателство со ЕУ
Министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено, денес оствари работна посета на Македонија, на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи искажа задоволство што оваа прва историска билатерална посета на министер за надворешни работи од Кралството Шпанија на нашата држава се случува во предвечерието на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи следната година меѓу двете држави и воедно во пресрет на преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Мадрид, како силна порака на поддршка на нашиот европски пат.
Заблагодарувајќи се за константната поддршка од официјален Мадрид за нашиот евроинтегративен процес, министерот Османи потенцираше дека Северна Македонија останува силно посветена во исполнувањето на неопходните обврски за продолжување на процесот на пристапни преговори, како влог во нашата иднина.
“Посетата доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и нашето европско досие. Да потсетам дека Шпанија на 1 јули го презема претседателството со Европската Унија од Шведска; клучен период за нас, кога според планот завршува скрининг процесот, и земјава треба да влезе во новата фаза од преговорите, а тоа е отворањето кластери и поглавја” нагласи Османи.
За таа цел, двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Шпанија за развој на соработката во процесот на пристапување на земјава во Европската Унија.
На средбата стана збор и за соработката во рамки на ОБСЕ во духот на актуелниот геополитички контекст, при што Османи, во својство на претседавач на ОБСЕ, истакна дека Украина останува прв приоритет на претседавањето со Организацијата. Османи го информира соговорникот дека веќе е воспоставена блиска комуникација и соработка со Високиот претставник на ЕУ и Потпретседател на Европската Комисија, Жозе Борел и изрази подготвеност за синергија и синхронизирано делување на двете претседавања – ОБСЕ и Советот на ЕУ до крајот на 2023 година.
Министрите разговараа и за можностите од продлабочување на економските односи, меѓусебната поддршка во мултилатералните организации и секторската соработка меѓу двете држави, а разменија мислења и за најновите случувања во регионот на Западен Балкан и регионалните иницијативи како форма за зголемување на заемната доверба и надминување на отворените билатерални прашања меѓу соседите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.