Македонија
Османи во Бриж: ЕУ рапидно се трансформира за да успее да одговори на глобалните промени
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Бриж учествуваше на панел-дискусија за „Иднината на Европа – перспективи и придонеси од Западниот Балкан“.
Министерот Османи посочи дека оваа дебата ја гледа како испраќање на јасен политички сигнал дека Европската Унија и земјите од Западниот Балкан споделуваат одговорност за заедничка европска иднина, а нашите судбини се испреплетени околу основните вредности и принципи на кои почива ЕУ.
На прашањето до панелистите како земјите од Западен Балкан ќе дадат одговор на визијата за новата Европа, за развојот на политиките на ЕУ на среден и долг рок со цел подобро да се одговори на предизвиците со кои ЕУ се соочува, Османи истакна дека Европската Унија рапидно се трансформира за да успее да одговори на глобалните промени имајќи предвид дека ЕУ навистина помина низ серија кризи последниве години.
Османи се осврна и на геостратешката димензија на процесот на проширување при што нагласи дека единствената алтернатива и за ЕУ и за Западниот Балкан е европската, односно споделената иднина. Проширувањето како процес опфаќа многу повеќе од самото поле на надворешната политика и длабоко ја засега сржта на европската внатрешна политика и интеграцијата на ЕУ и тоа мора да се сфати како лакмусов тест за капацитетот на ЕУ како глобален актер.
Toj го потенцираше и моделот на Северна Македонија како функционална мултиетничка демократија како мешавина од култури и јазици, што во секоја смисла на зборот го отсликува и одразува европското мото обединети во различностите.
„Нашиот модел на мултиетнички соживот и почитување во Северна Македонија претставува конкретен придонес за богатството и различноста на поширокото европско општество, учејќи не како да се прифаќаме и да учиме едни од други и едни за други“, истакна Османи во своето излагање.
Целта на иницијативата и на овој настан беше министрите за надворешни работи од Западен Балкан, заедно со копретседавачите на Конференцијата за иднината на Европа, потпретседателската на Европската комисија, Дубравка Шуица и државниот секретар на МНР на Словенија, Гашпар Довжан, да дадат инклузивен и сеопфатен придонес во пошироката европска дебата за еден од најважните проекти на ниво на ЕУ – Конференцијата за иднината на Европа.
Модератор на панелот беше Федерика Могерини, ректор на Колеџот на Европа од Бриж, а покрај министрите за надворешни работи од регионот и копретседателите на Конференцијата за иднината на Европа, учествуваа и известителите за земјите од Западен Балкан во Европскиот парламент и бројни интернационални студенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

