Македонија
Османи во Виена на средби со раководните и извршните тела на ОБСЕ:
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ, на последниот ден од посетата на Виена имаше средби со раководните структури на независните институции, извршните тела на Организацијата, шефовите на теренските мисии, како и серија состаноци со специјалните претставници на претседавачот на ОБСЕ.
Тој имаше работна средба со генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Шмид, генералниот секретар на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Роберто Монтела, директорот на ОДИХР, Матео Мекачи, специјалниот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро и високиот комесар за национални малцинства, Каирад Абдракхманов.
„ Како претседавач на ОБСЕ, ја преземам одговорноста, но многу добро знаете колку ние се потпираме на вашата важна работа, искуство и совети. Заедно, во духот на заедништвото, ние сме повикани да ја водиме нашата Организација во овие сложени и времиња на предизвици“, истакна на средбата Османи.
Тој одржа работни средби и со шефовите на теренските мисии во Централна Азија и Југоисточна Европа, на кои се дискутираше за некои од најитните и суштински прашања за работата на ОБСЕ, со посебен фокус на перспективата на теренските мисии, кои се од приоритетно значење за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.
„Верувам дека вчера бев многу јасен во моето обраќање до Постојаниот совет, за клучната важност што претседателството на Северна Македонија го придава на теренската работа на ОБСЕ. Теренските мисии со право се дефинирани како „круната на организацијата“. Тие се потврда за тоа што е ОБСЕ, преку кои заеднички ќе докажеме дека можеме и понатаму да даваме придонес во животите на луѓето преку нашата работа. Прашањето денес е како да продолжиме со активностите во овие времиња на екстремни предизвици низ кои поминуваме“, истакна Османи на средбата со шефовите на теренските мисии на ОБСЕ.
На средбата со шефовите на теренските мисии во Централна Азија, Османи укажа на многуте предизвици за овој регион, а дека не смеат да бидат заборавени ниту последиците од состојбите во Авганистан.
„И покрај тоа што се подобрува регионалната соработка, вооружените инциденти меѓу Таџикистан и Киргистан се алармантни сигнали за кревкоста на севкупната состојба. Ова е, накусо, одговорот зошто нашиот ангажман е значаен. Ќе работиме напорно за да ја промовираме регионалната и меѓу-регионалната соработка и да ја поддржиме имплементацијата на проектите на ОБСЕ“, порача тој.
На средбата со шефовите на мисиите од Југоисточна Европа, Османи се осврна на можноста за развој на овој регион, кој прави засилени напори за европска интеграција, потенцирајќи дека поддршката за нашата реформска агенда е видлив резултат на ОБСЕ.
„Вие овде ја претставувате најголемата мисија на ОБСЕ, а ние како претседавач имаме намера тесно да соработуваме со вас за да ја зајакнеме регионалната соработка и дополнително да ги унапредиме нашите напори насочени кон реформирање на нашите општества. Ова е и инвестиција во напредокот на нашите општества“, порача тој, истакнувајќи дека во фокусот на агендата како претседавач ќе бидат и борбата против корупцијата, промовирање на доброто владеење, но и климатските промени и нивното влијание врз безбедноста.
Меѓу позначајните заклучоци од средбите беше и обезбедувањето на поддршка на функционална и флексибилна ОБСЕ, што ќе понуди разновидни алатки во поддршка на обновувањето на мирот и безбедноста, спречувањето на конфликти и промовирање на соработка низ регионот на ОБСЕ.
Во рамки на работната агенда, денес министерот Османи назначи и специјални претставници за важни портфолија во доменот на ОБСЕ, односно: амбасадорот Валиант Ричи, за специјален претставник за борба против трговија со луѓе, амбасадорот Анджеј Касперчик, за специјален претставник за конфликтот поврзан со Минската конференција, амбасадорот Виорел Мошану, специјален претставник за Јужен Кавказ, како и амбасадорот Томас Мајр-Хартинг, специјален претставник за решавање на проблемот Транснистрија.
Во фокусот на дискусијата на овие средби беа различни прашања кои се дел од приоритетите на Организацијата во кризните подрачја, но и за предизвиците кои се наоѓаат пред Северна Македонија чие претседавање со ОБСЕ, посебно внимание ќе посвети на хуманата димензија и поддршка пред сè на луѓето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

