Македонија
Османи во Јордан на Конференција на ОБСЕ задно со медитеранските партнери
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во својство на претседавач на групата медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, денес во Јордан, заедно со министерот за надворешни работи на Јордан, Ајман Сафади, ќе ја отворат овогодинешната Медитеранска конференција на ОБСЕ.
„Овогодинешната конференција е во организација на Северна Македонија и во ко-организација со земјата домаќин, Јордан. Ова е за прв пат, после седум години, одржувањето на медитеранската конференција да се врати кај партнерите од регионот, што се смета за голем чекор во зајакнувањето на врските меѓу организацијата и партнерите од Медитеранот“, се нагласува во соопштението испратено од неговиот кабинет.
Во Јордан се пристигнати преку 200 учесници, кои на дводневната конференција ќе дискутираат на неколку различни приоритетни теми поврзани со зајакнувањето на младите и жените, справувањето со ризиците од климатските промени и трговијата со луѓе, и сл. Покрај домаќините, министрите Османи и Сафади, воведни обраќања се очекува да имаат и министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау, како актуелен претседавач со Организацијата, како и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.
По завршувањето на воведниот панел, министерот Османи, придружуван од останатите високи претставници – воведничари ќе остварат средба со кралот на Јордан, Абдула бин ел-Хусеин II.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Вo среда ќе има врнежи од дожд, локално пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта, кога во западните делови ќе преминуваат во снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе бидат претежно од снег. Во западните делови се очекува да се формира нова снежна покривка. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег.
Македонија
Посебен сообраќаен режим денеска во Скопје
Денеска, по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, велат од МВР.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.

