Македонија
Османи во Њу Делхи се сретна со потпретседателот на Индија, на средбата беа поздравени пријателските односи меѓу двете земји
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја почна официјалната посета на Индија со средба со потпретседателот на државата, Џагдееп Дханкар.
На средбата беа поздравени пријателските односи меѓу двете земји, како и реафирмирани заемните заложби за зајакнување на соработката, пред сѐ, во делот на економските врски и бизнис-вмрежувањето. Притоа Османи нагласи дека и покрај нашите надворешнополитички приоритети, од особена важност се интензивирањето на соработката и искористувањето на потенцијалите со земјите од Централна и Јужна Азија, особено со Индија, со која нѐ поврзува Мајка Тереза.
„Разликата во големината на двете земји, бројноста на населението, како и географската оддалеченост, не треба да бидат пречка за меѓусебно пријателство, добри билатерални односи и мултилатерална соработка. Ликот и делото на Мајка Тереза секогаш ќе биде дел од нашите истории и ќе остане во колективната меморија на нашите земји“, рече Османи.
Воедно, соговорниците изразија подготвеноста за зајакнување и на парламентарната соработка, унапредувањето на договорната рамка, како и интензивирањето на културната размена и доближувањето меѓу двата народа.
Османи го поздрави и ѝ честита последното високо достигнување на Индија во светски рамки, со првото успешно слетување на Јужниот Пол на Месечината како сериозен исчекор и голем успех не само за индискиот народ туку и за целокупното човештвото.
За време на официјалната посета на Индија, Османи ќе оствари средби и со министерот за надворешни работи, Субраманјам Џаишанкар, како и со други високи претставници на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

