Македонија
Османи ги собра шефовите на амбасадите и конзуларните претставништва за претстојниот попис
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одржа вонреден работен состанок со сите шефови на дипломатско-конзуларните претставништва, со цел подготовка за спроведување на активностите во нивните надлежности поврзани со претстојниот попис.
На состанокот присуствуваа и директорот и заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симевски и Иљми Селами.
„Од 1 март започнува оваа важна статистичка операција, токму со вас како дипломати и за вашите семејства; дополнително, истата процедура ќе треба да се примени и за лицата кои престојуваат во странство по која било основа. Во следните 50 дена ова треба да претставува врвен приоритет на работата на дипломатската мрежа, со цел да им обезбедиме соодветни услови на пописните органи да ја завршат оваа обврска”, истакна Османи.
„Жалам што донесувањето на законот доцнеше од неоправдани причини, што како институции нè доведе во состојба со забрзано темпо да се подготвуваме за квалитетно да ги пресретнеме обврските, но барам од вас, и очекувам, преку вонреден капацитет од страна на дипломатската мрежа, да ги надминеме овие предизвици и да им обезбедиме поддршка на пописните органи”, посочи министерот за наворешни работи.
Според него, пописот е добар пример за да се демонстрира одговорност и посветеност кон дијаспората, која има важна улога во севкупните процеси на земјава.
За лицата кои имаат место на живеење во Република Северна Македонија, а за време на спроведувањето на пописот се на служба во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, како и членовите на нивните семејства кои со нив престојуваат во странство ќе се спроведе, пописот ќе биде во периодот од 1 март до 15 март 2021 година, додека самопопишувањето на нерезидентното население, но и сите други државјани кои по кој било основ престојуваат во странство ќе почне од 01 март и ќе трае до 21 април, 2021 година, информираат од Министерството за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

