Македонија
Османи: Историска вест од Брисел, постигнат е консензус, одлуката ја чекаме на 24 март
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес одржа прес-конференција во Владата, на која ги презентира најновите актуелности поврзани со процесот на европски интеграции на земјата, како и за активностите на Владата во остварувањето на соработка со институциите на ЕУ во справувањето со епидемијата од Ковид-19.
„Во исклучително сложени услови под кои функционираат институциите на ЕУ, под силен притисок на предизвиците во соочувањето со Ковид-19, доцна синоќа, телото што го сочинуваат претставниците на земјите членки на ЕУ во Брисел, познато како КОРЕПЕР, го усогласија првиот консензус – заклучокот за почеток на преговорите со Република Северна Македонија“, истакна Османи посочувајќи дека овие заклучоци ќе се најдат на следната седница на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), каде што се очекува овие заклучоци да бидат потврдени.
„Ова е важна вест не само како потврда за нашиот успех туку и важна вест во овие моменти кога и ние се соочуваме со предизвиците од епидемијата предизвикана од вирусот Ковид-19. Покрај заканата за јавното здравје, оваа епидемија претставува и огромен предизвик за одржување и пристојна економска активност и финансиската стабилност на земјата. А како земја кандидат за членство во ЕУ, и еве очигледно набргу како земја преговарач, очекуваме да бидеме дел од пакет-мерките, активностите и протоколите, кои во моментот се подготвуваат од страна на Европската комисија“, истакна Османи претставувајќи дел од мерките за соработка и помош од ЕУ за кои Владата со писмо се обрати до Европската комисија.
Османи во продолжение претстави дел од првичните мерки, кои во име на Владата со писмо до еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи, ѝ ги претстави на Европската комисија:
– вклучување во Европскиот солидарен фонд за природни непогоди, кој по барање на Европската комисија ќе биде проширен и за справување со последиците од Ковид-19, а во кој пристап имаат земјите членки и земјите што преговараат за членство;
– таканаречената награда за успешност (Performance award) во износ од 50 милиони евра, која ни беше доделена поради успешна реализација на ИПА-средствата, да биде пренаменета во поддршка за справување со предизвиците од епидемијата наместо за приоритетите за кои првично беше планирана;
– во согласност со иницијативата на Европската комисија, за финансиска поддршка за ликвидност на претпријатијата погодени од епидемијата, побаравме пристап до овие средства и на Банката за поддршка на развојот на Република Северна Македонија, со што би се обезбедиле брзи краткорочни заеми за поддршка на ликвидноста на нашите мали и средни претпријатија;
– измена и на минималните критериуми за искористување на фондовите од ИПАРД 2-програмата, во кои сметаме на зголемување на делот што претставува учество на ИПА-фондовите, а на сметка на сопствениот капитал на производителите на храна и земјоделците. Само за потсетување, ваквата слична мерка беше применета и за време на кризата со поплавите кога учеството на ИПА-фондовите беше 75 отсто.
Покрај учеството во програмите и мерките на Унијата, Османи пренесе дека ќе побара од Европската комисија земјава да биде исклучена од рестрикциите на единствениот пазар на ЕУ, а кои се однесуваат најмногу на медицински материјали и опрема.
На крајот, Османи информира за одлуката на Норвешка итно да ослободи 3,2 милиони евра за итна реализација преку програмата на УНОПС, средства што веднаш им се ставаат на располагање на Северна Македонија, Србија и на Црна Гора за медицински материјали, препарати и средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.

