Македонија
Османи молчи дали ДУИ ќе остане во коалиција со СДСМ без Законот за јазици
Потпаролот на ДУИ и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи не кажува дали неговата партија ќе коалицира со владеачката СДСМ, доколку Собранието не го излгаса Законот за јазици. Тој во изјава за „Макфакс“ вели дека нема потреба да се размислува за хипотетички ситуации, иако минатата недела пропадна првата шанса за изгласување на законот, откако, претседателот на Собранието, Талат Џафери по две одложувања, ја откажа седницата. Османи е убеден дека законот ќе биде изгласан на идната седница во Законодавниот дом.
„Доколку мнозинството се плашеше од деструктивни уцени, немаше ниту да се потпише договорот со Бугарија, ниту ќе се спроведуваа реформи, а немаше да се разговара ниту за решавање на спорот со името. Бидете убедени дека мнозинството е одлучно да им покаже на деструктивните дејствувања кои мислат дека меѓуетничките односи се предмет за поткусурување за партиски агенди, дека се веќе минато“, вели Османи.
Талат Џафери вината за откажувањето на седницата ја префрли кај политичките партии. Џафери се иззема од одговорност, а пак координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев рече дека тие чекале да почне седницата и дека немале средба со спикерот на Собранието. Со тоа, причините за откажување на седницата се познати само за колиционите партнери СДСМ и ДУИ. Неофицијално, двете партии не можеле да постигнат договор, бидејќи од пратеничката група на СДСМ инсистираат да се направи компромис со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да ги повлечат 35.000 амандмани, а пак мисијата на ДУИ е законот да биде веднаш изгласан без никакви одлагања.
Спикерот на Собранието им даде една недела на партиите да се договорат меѓусебно, а во текот на идната недела ќе биде закажано ново продолжение на седницата каде е и Законот за јазици. Остнаува непознато дали ќе се дискутира за амандманите, но и дали мнозонството ќе гласа за усвојување на законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Колку повеќе децата се во училиште, толку е поголем нивниот резултат
Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Во интервју за МРТ1, Јаневска истакна дека сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
„Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, стандарди кои сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме“, рече Јаневска и додаде дека е потребен ред во образованието и кај повозрасните, нагласувајќи дека повеќе време во училиште директно значи подобри вештини и знаења.
„Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање“, рече Јаневска на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.
Македонија
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција
Обвинителството побара куќен притвор за судијата Ѓоко Ристов осомничен за корупција, кај кого беа пронајдени 350.000 евра соѕидани во ѕид во куќата на неговите родители во Неготино.
„Денеска предметниот јавен обвинител од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го сослуша осомничениот судија и му ги предочи прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар. Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор“, соопшти Обвинителството.
Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.
Македонија
Се зголемуваат цените на бензините и дизелот
Цените на бензините и на дизелот од ноќеска на полноќ ќе се зголемат за 1,5 и за 2 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 21.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 66,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,987 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,50 денар за литар.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 денари за литар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,854 денари за килограм и сега ќе изнесува 32,987 денари за килограм.

